Вчера, на 8 февруари 2026 година, својот значаен јубилеј – 103 години живот – го одбележува почесниот претседател на Сојуз на борци на НОАВМ, Никола Стојановски, човек чие име е длабоко врежано во поновата македонска историја.
Стојановски е дел од генерацијата што директно учествуваше во Народноослободителната борба, оставајќи траен белег во антифашистичкото движење и во создавањето на темелите на македонската слобода. Неговиот животен пат претставува редок спој на борец, општественик и државник, чија активност продолжи и во мирнодопски услови, преку долгогодишен ангажман во јавниот и политичкиот живот.
По војната, тој беше активно вклучен во работата на Сојузот на борци, организација што ги негува вредностите на НОБ и се грижи за заштита на достоинството на борците и нивното историсно наследство. Долги години ја извршуваше функцијата претседател на Главниот одбор, придонесувајќи за зацврстување на улогата на организацијата во општеството.
Посебно значајна е и неговата улога во политичките процеси на почетокот на деведесеттите години. Во периодот од 1990 до 1994 година, Стојановски беше пратеник во првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија, а како највозрасен пратеник претседаваше со конститутивната седница – симболичен и историски чин што го означи почетокот на парламентарната демократија во земјата.
Од Сојузот на борци велат дека 103 години исполнети со борба, искуство и служба на заедницата се доказ за неговата посветеност и истрајност. „Горди сме што нашиот почесен претседател е човек кој со својот живот ја раскажува историјата на државата“, велат од организацијата, упатувајќи му искрени честитки и желби за добро здравје.
Јубилејот на Никола Стојановски не е само личен празник, туку и потсетник на генерациите што ја градеа државата – со идеали, пожртвуваност и верба во иднината. Во време кога историската меморија станува сè поважна, неговото присуство претставува жив мост меѓу минатото и сегашноста.
Со 103 години зад себе, Стојановски останува симбол на истрајноста, државотворноста и достоинството – вредности што и денес имаат особено значење за македонското општество.



