Основниот кривичен суд го прогласи Фатон Љури за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, согласно член 297 став 1, во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик, и му изрече казна затвор во траење од 11 години.
Станува збор за сообраќајната несреќа што се случи на 1 јули годинава, кога Љури, управувајќи мотоцикл по пешачка патека на кејот на реката Вардар, во близина на Паркот на франкофонијата во Скопје, го прегази 68-годишниот Југослав Николовски, кој подоцна им подлегна на тешките повреди.
Во изречената затворска казна ќе биде пресметано и времето што обвинетиот го поминал во притвор. Дополнително, судот му изрече и мерка забрана за управување моторно возило од А-категорија во времетраење од пет години, која ќе почне да се применува по правосилноста на пресудата. Обвинетиот е задолжен и да ги плати трошоците на судската постапка.
До правосилноста на пресудата, Љури останува во притвор. Против оваа првостепена одлука е дозволена жалба во рок од 15 дена до Апелацискиот суд во Скопје.
Според утврдената фактичка состојба, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачката патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, простор наменет исклучиво за движење на пешаци, со брзина од околу 35 километри на час. При тоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Николовски, кој се здобил со тешки повреди на черепот и мозокот и подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
При одмерувањето на висината на казната, Судот наведе дека ги ценел сите олеснителни и отежнувачки околности. Како отежнувачки, судот ги земал предвид претходната правосилна осуда на обвинетиот за непочитување на мерките за време на пандемијата, како и фактот дека против него се води посебна постапка за неукажување помош на повредено лице по несреќата.
Како олеснителни околности, судот ги оцени признанието на вина и искреното каење на обвинетиот. Сепак, судијката при читањето на пресудата нагласи дека во случаи на сообраќајни несреќи со смртни последици е неопходна построга казнена политика.

