Сто педесет километри не се многу. Но кога тие километри те делат од детето, секој метар тежи како век. Доаѓаш во градот во 17 часот, срцето ти лупа, но не од возбуда – од немоќ. Го гледаш домот каде што расте твоето дете, но не смееш да му се приближиш. Пиеш кафе спроти куќата и гледаш како мајката излегува, оставајќи го малото дете само. Сакаш да потрчаш, да чукнеш, да го слушнеш неговиот глас, но не смееш. Ти си оној што си лажно пријавен за вознемирување и кој мора да ги трпи сите закани и омаловажувања од мајката.
Ноќе не можеш да дишеш во хотелската соба од шест квадрати. Излегуваш, без насока, само да не полудиш. Поминуваш покрај куќата. Однатре одекнуваат викотници, женски глас испреплетен со машки. Срцето ти се стега, но не смееш да реагираш. Не смееш да бидеш татко, барем според законите.
Во 5 часот наутро, со кучињата скитници, повторно одиш низ пустите улици. Повторно пред куќата. Повторно болка. Од вратата излегува непознат маж, полутрезен. „Овој не е истиот од минатиот викенд“ констатираш во себе и продолжуваш да одиш и да се обидуваш да си дадеш одговор како е можно мажите од “улицата“ да поминуваат повеќе време во иста просторија со твоето дете. Продолжуваш по пустите улици, а во главата ти поминуваат насмевките и смеењето на детето.
Во 13 часот, по 300 молби и понижувања сфаќаш дека е залудно, повторно не добиваш „термин“ со детето. Термин. Како да не е дел од тебе, како да е само обврска во распоред. Замислуваш како го гледаш, го прегрнуваш, а во себе врескаш. Не смееш да прашаш за ништо. Ќе добиеш уште една пријава, уште еднаш од нејзината уста ќе слушнеш „тука ти си странец, а ја преку мојата работа имам врски во полицијата и социјалното. Ќе ти забранам секаков контакт со детето“.
Вечерта пак те гуши. Излегуваш. Од автомобилот ја земаш играчката и работите кои си ги купил за детето. „Ќе ги однесам па и во затвор да лежам“ си велиш во себе. Се движиш како сенка по улиците, како некој што го нема, што не постои. Пред куќата – темница. Само телевизорот трепка. Срцето ти прескокнува. Се приближуваш за да ги оставиш работите, гледаш низ прозор. Твоето дете е само. Пред телевизор.
Чукаш. Нема одговор. Чукаш повторно. Паниката те дави. Вртиш на телефон, никој не се јавува. Детето се качува на масичката, те гледа низ прозор. Тропаш, се обидуваш да допреш до него.
„Тргај се, пи*кати матер!“ – одекнува глас кој те освестува и те враќа во тажната реалност. Не знаеш дали е за тебе, но веќе не ни е важно.
Се повлекуваш. Не смееш да останеш.
Продолжуваш по улицата. Се вртиш. Го гледаш детето како се’ уште е таму горе и како чука со рачињата на прозорот. Те бара.
А ти… Ти заминуваш.
И додека чекориш во ноќта, нешто во тебе умира. Душата ти е свиена во јазол од јад и беспомошност. И знаеш дека ова не е само една ноќ, ова е …