Македонско друштво “Илинден”-Тирана упатува најостра реакција за донацијата во село Глобочани, Општина Пустец на 14.09.2024 год. каде „свечено“ се отвораше модуларна амбуланта, донација на фондацијата „Бугарска меморија“.
Ваквата наша реакција се темели на антимакедонската пропаганда за оваа наводна фондација која непречено ја шири својата пропаганда во регионите каде што живеат Македонците во Република Албанија.
За жал, на овој антимакедонски чин присуствувале ченови на бугарска делегација предводени од амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров и Софика Мале преставник на фондацијата „Бугарска меморија“ за Република Албанија.
За жал присуствувал и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски кој му врачил специјално изработена плакета на негаторот на македонската нација, Милен Врабевски.
Управата на Општина Пустец во последниот и актуелниот мандат беше и останува сервилна кон бугарската пропаганда, пречекувајќи ги бугарските претставници кои со материјална помош за Општината Пустец, во областа Мала Преспа се обидуваат да го одродат македонското население и да го прикажат како Бугари во Република Албанија.
Очигледно, само на градоначалникот Пали Колефски не му е јасна оваа антимакедонска мисија на бугарските фондации, а не подобрувањето на благосостојбата на жителите.
Како Македонци и заштитници на македонскиот национален идентитет во Албанија, Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство.
Недозволиво е Македонците во Република Албанија да бидат изложени на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви. Сите донации што се наменети за подобрување на животот на Македонците се добредојдени, но никогаш нема да прифатиме тие да бидат користени за промовирање на лажни наративи.
Време е албанската Влада да го зајакне своето присуство и инвестиции во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Република Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени и гарантирани. Знаеме и тоа дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија.
Македонците во Република Албанија не сакаат да поверуваат дека ваквите притисоци врз нив од страна на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров ќе поминат без реакција од страна на албанската власт.
Ваквите антимакедонски атакувања врз нас како Македонци треба да бидат наш последен крик кон институции за заштита на македонското малцинство во Република Албанија.
Воедно, очекуваме реакција и од меѓународната заедница кон својата членка, Бугарија, поради нарушување на нашето основно човеково право да се декларираме како Македонци. – стои во соопштението потпишано од претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.
Извор: Весник Илинден