Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати апел до сопствениците на кучиња да ја исполнат законската обврска за идентификација на милениците со микрочип и нивна регистрација во Информативниот систем на Агенцијата, постапка по која се издава и пасош за домашен миленик.
Од АХВ појаснуваат дека апликацијата на микрочипот е еднократна, а животното го носи до крајот на животот. Микрочипирањето овозможува јасно дефинирање на сопственоста, навремена и квалитетна здравствена заштита и поголема безбедност, особено во однос на спречување на пренос на заразни болести од животните на луѓето.
Сопствениците чии миленици веќе се микрочипирани имаат обврска да пријават секоја промена на податоците – промена на сопственик, угинување, губење или купопродажба – во надлежното ветеринарно друштво, кое ги ажурира информациите во електронската база.
Микрочипирањето, додаваат од АХВ, е клучно и за спречување на напуштањето на животните, контрола на нивното размножување, како и за нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба.


