Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам поднесе кривична пријава против 20-годишен жител на Мала Речица за кривично дело „тероризам“, додека против 89-годишник е поднесена пријава за недозволено изработување, држење и тргување со оружје.
Осомничениот К.Х. на крајот на јануари преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со автоматска пушка АК-47, при што навел дека има нарушено психичко здравје. Како инспирација го посочил масакрот од 14 декември 2012 година во САД, кога беа убиени 26 лица, од кои 20 деца.
По добиена информација од Амбасадата на САД во Скопје дека ФБИ бара итна идентификација на профилот од кој се испратени заканите, МВР во координација со ОЈО ГОКК презело активности за откривање на сторителот.
На 17 февруари 2026 година, по утврдување на локацијата, полициски службеници од Секторот за борба против тероризам со асистенција на САЕ „Тигар“ извршиле претреси во дом и други простории во Мала Речица.
При претресите кај осомничениот и членови на неговото потесно семејство биле пронајдени и одземени:
- автоматска пушка АК-47 со две рамки и 40 куршуми
- пиштол „М57“ со две рамки и 49 куршуми
- пиштол „Cherokee“ со две рамки
- повеќе од 600 куршуми калибар 9 мм
- тактички и борбени елеци (панцири)
- ножеви со различна должина
- електронски уреди со доказен материјал
Две лица се лишени од слобода.
Против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2, додека против Џ.Х. до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.



