Во време кога отпуштањата и намалувањето на трошоците се главна тема во бизнис светот, еден претприемач од Луизијана стана вистински херој за своите вработени. Според информации на Wall Street Journal, Грејам Вокер не само што стана побогат со продажбата на својата семејна производствена компанија, туку и се погрижи за своите работници, осигурувајќи им значајни финансиски награди.
Вокер, поранешен извршен директор на компанијата Fibrebond, привлече внимание откако секој од неговите 540 вработени доби бонуси во вредност од шест цифри. Вкупно, работниците добија околу 240 милиони долари, средства кои произлегуваат од продажбата на компанијата, како што пренесува WSJ. Fibrebond беше продадена на компанијата Iton за 1,7 милијарди долари, но Вокер постави еден важен услов пред да се согласи на трансакцијата.
Според него, 15% од средствата од продажбата мораа да бидат распределени директно на вработените, иако ниту еден од нив не поседуваше акции во компанијата. Вокер изрази уверување дека работниците, кои биле со Fibrebond низ годините на успеси и неуспеси, заслужуваат свој дел од успехот. Како резултат на тоа, просечната исплата по работник изнесуваше околу 443.000 долари, планирана да се исплаќа во период од пет години, при што оние со подолг стаж добија уште поголеми суми.
Fibrebond беше основана во 1982 година од страна на Вокеровиот татко, Клод Вокер. Компанијата доживеа значителен раст за време на бумот на мобилната телефонија во 1990-те, но речиси пропадна во 1998 година кога нејзината фабрика изгоре. И покрај тоа, семејството Вокер продолжи да ги исплаќа своите вработени.
Во 2013 година, тие основаа Fibrebond Power, каде што наместо индивидуални бонуси, компанијата почна да наградува тимови за постигнување на цели во безбедноста и перформансите. Оваа промена значително го подобрила начинот на работа и соработка меѓу вработените.

