Германските власти објавија нова стратегија за справување со злоупотребите на социјалниот систем, особено во однос на детските додатоци, кои се предмет на организирани криминални активности од страна на групи од Источна Европа. Според извештаите на локалните медиуми, главниот секретар на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Карстен Линеман, истакна дека овие измами станале честа појава, што бара итна реакција.
Линеман, во интервју за „Билд ам Зонтаг“, нагласи дека е неопходно да се направат промени на ниво на Европската унија за да се овозможи подобра размена на информации со Романија и Бугарија, земји од кои потекнуваат најголемиот број случаи на измама. Според предложените законски измени, детските додатоци ќе бидат прилагодени на земјата во која живее детето, со цел да се избегне нерамнотежа во исплатите.
„Логично е детските додатоци да се усогласат со условите во земјата на исплата. Во Германија, тие се прилагодени на локалните цени и животен стандард, додека во Бугарија и Романија, тие се неадекватни“, изјави Линеман.
Во моментов, детскиот додаток во Германија изнесува 259 евра месечно. ЦДУ, во својата иницијатива, планира да се фокусира на искоренување на злоупотребите во социјалниот систем, особено во покраината Северна Рајна-Вестфалија, каде што е забележан највисок број на неправилности.
Организирани криминални групи од Романија и Бугарија често привидно вработуваат луѓе на скратено работно време, што им овозможува да добијат помош за невработени по губењето на работата. Овие работници исто така имаат право на дополнителна помош ако нивната плата е под социјалниот минимум.
ЦДУ истакнува дека многу од корисниците на социјалните бенефиции не живеат во Германија. „Ние сакаме вистинска интеграција на работните мигранти од земјите на ЕУ, а не систем во кој е можно кратко време да се биде вработен и потоа да се прима социјална помош“, се вели во документот што ќе биде разгледан на следниот партиски конгрес.
Планирани се и интензивирани акции за контрола, слично на оние спроведени во градовите со највисока стапка на злоупотреби, како што е Дисбург. Исто така, се предвидуваат промени на законодавно ниво во ЕУ, кои ќе овозможат полесно протерување на граѓаните на ЕУ и забрана за враќање во случај на злоупотреба на социјалниот систем.
„Злоупотребата на социјалниот систем го поткопува довербата во демократијата и ефикасноста на државата. Ние мораме да се справиме со овие случаи со сите правни средства што ни стојат на располагање“, изјави Паул Зимијак, главниот секретар на ЦДУ за Северна Рајна-Вестфалија.
Во текот на минатата година, Германија исплатила 528 милиони евра за деца кои живеат во земји на ЕУ, при што најмногу корисници има во Полска и Романија.



