Годишната инфлација во еврозоната, според прелиминарните податоци, се намали на 2% во декември, што е пад од 2,1% во ноември, објави денеска Евростат. Цените на услугите забележаа пораст од 3,4% во однос на минатата година, но забавија во однос на 3,5% од ноември. Цените на енергијата, пак, паднаа со значително побрз темп, за 1,9% во однос на минатата година, во споредба со падот од 0,5% во ноември.
Кога станува збор за храната, алкохолот и тутунот, цените пораснаа за 2,6% во однос на минатата година, што е забавување во однос на 2,4% од ноември. Цените на индустриските производи, исклучувајќи ја енергијата, пораснаа за 0,4%, што е исто така забавување во однос на 0,5% од претходниот месец. Годишната стапка на базична инфлација во еврозоната падна на 2,3% во декември, во споредба со 2,4% во ноември.
Меѓу најголемите економии во еврозоната, најзначајна промена се забележува во Германија, каде што годишната стапка на инфлација се намали од 2,6% во ноември на 2% во декември, според прелиминарните податоци. Франција бележи незначително забавување на годишната стапка на инфлација, која во декември изнесува 0,8%, во споредба со 0,7% во ноември и октомври. Во Италија, годишната стапка на инфлација порасна од 1,1% на 1,2%, додека во Шпанија падна од 3,2% на 3%.
Највисоката годишна стапка на инфлација во еврозоната, според прелиминарните податоци за декември, се забележува во Словачка и Естонија, со 4,1%, додека најниската стапка од 0,1% е регистрирана на Кипар, објави Евростат.

