Google денеска официјално ја лансираше новата Pixel 10 серија паметни телефони, која вклучува четири модели: Pixel 10, Pixel 10 Pro, Pixel 10 Pro XL и Pixel 10 Pro Fold.
Сите уреди се опремени со новиот Tensor G5 процесор, развиен во сопствена продукција на Google и изграден со 3-нанометарска технологија. Од компанијата нагласуваат дека чипот овозможува „најнапреден вграден AI досега“ во мобилен телефон. Благодарение на Gemini Nano, перформансите се подобрени за 2,6 пати во споредба со претходната генерација, со 34% повисоки CPU резултати и двојно поефикасна работа.
Pixel 10 Pro Fold – премиум преклопен модел
Најскапиот уред од новата линија е Pixel 10 Pro Fold, чија цена започнува од 1.799 долари. Телефонот има алуминиумска конструкција, IP68 заштита од вода и прашина и нова шарка без запци, која според Google е поиздржлива од претходната. Дисплејот е заштитен со два слоја тенко стакло и два слоја филм против удари, а големината изнесува 8 инчи во отворена и 6,4 инчи во затворена форма, со максимална светлина од 3000 нита.
Уредот доаѓа со батерија што трае до 30 часа и систем од три задни камери, меѓу кои нова главна камера од 48 MP и Super Res Zoom до 20x. Со тоа Pixel 10 Pro Fold директно конкурира на Samsung Galaxy Z Fold7, додека првиот свитлив iPhone се очекува дури во 2026 година.
Pixel 10, Pixel 10 Pro и Pixel 10 Pro XL
Останатите три модели се позиционирани како конкуренција на претстојната iPhone 17 серија. Pixel 10 и Pixel 10 Pro имаат 6,3-инчни дисплеи, додека Pixel 10 Pro XL располага со 6,8-инчен екран. За прв пат, стандардниот Pixel 10 добива трикамерен систем со 5x телефото леќа и до 10x оптички зум. Pro моделите нудат Pro Res Zoom до 100x, со поддршка на генеративна AI технологија.
Pro уредите доаѓаат со 16GB RAM и побрзо безжично полнење. Pixel 10 Pro, на пример, поддржува до 25W безжично полнење со Qi2.2 технологија, што е изедначено со функционалностите на најновата iPhone 16 серија.
Google особено ги истакна AI функциите:
- Magic Cue – проактивно нуди релевантни информации во вистински момент.
- Camera Coach – советува како да се направат подобри фотографии.
Цени и достапност
Компанијата исто така претстави и нова линија додатоци Qi2 Pixelsnap, инспирирани од MagSafe, кои вклучуваат полначи, држачи и маски.
Преднарачките започнуваат од денес, со почетни цени:
- Pixel 10 – 799 долари
- Pixel 10 Pro – 999 долари
- Pixel 10 Pro XL – 1.199 долари
- Pixel 10 Pro Fold – 1.799 долари
Официјалната продажба ќе започне на 28 август.