Сообраќајот низ државата денеска се одвива во зимски услови, а возачите се соочуваат и со дополнителни ограничувања поради блокади на гранични премини и временските непогоди.
Целосно затворање на ГП Богородица – Евзони
Денеска, 8 јануари 2026 година, од 17:00 часот ќе биде целосно затворен Граничен премин Богородица, односно Евзони, за сите видови возила. Возачите кои планираат патување кон Грција се повикуваат навремено да ја прилагодат својата маршрута.
Забрана за товарни возила на ГП Ники – Меџитлија
Поради протест на грчките земјоделци, од денеска во 10:00 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на Граничен премин Ники (од македонска страна Меџитлија). Ограничувањето ќе трае 48 часа, односно до 10 јануари во 10:00 часот. Патничките возила минуваат без ограничувања.
Забрани и ограничувања поради снег
Поради врнежи од снег, од 05:15 часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан.
На патот Тетово – Попова Шапка, од 09:25 часот е забрането движење на автобуси, додека за патничките возила е задолжително користење зимска опрема, односно синџири.
Состојба на државните патишта
Сообраќајот се одвива по влажни коловози и во зимски услови. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но засега без поголеми застои.
Поради обилни врнежи од дожд и честа појава на одрони, внимателно возење се препорачува на патните правци Делчево – Македонска Каменица – Истибања и Делчево – Пехчево.
На делницата Македонска Каменица – рудник Саса, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Зголемена претпазливост се препорачува и на магистралниот пат Битола – Ресен, кај влезот во Ресен, поради можност од излевање на Голема Река, како и на регионалниот пат Царев Двор – Стење.
Потсетување за зимска опрема
Од Автомото сојуз на Македонија потсетуваат дека задолжителната зимска опрема е на сила од 15 ноември 2025 година и ќе трае до 15 март 2026 година, без разлика на временските услови.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Возачите се повикуваат на внимателно управување со возилата и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

