Сериозни немири ја потресоа северна Италија откако во Торино избувнаа насилни судири меѓу демонстранти и полицијата поради затворањето на долгогодишниот автономен културен центар Askatasuna, место кое три децении важеше за симбол на левичарскиот активизам.
Според официјалните информации, повеќе од 100 полицајци биле повредени за време на протестите, а еден службеник се здобил со тешки повреди откако бил удрен со чекан. На улиците излегле околу 15.000 демонстранти, а протестот, кој првично бил најавен како мирен марш, брзо прераснал во хаотични пресметки.
Дел од насобраните фрлале камења, пиротехнички средства и „Молотови коктели“ кон кордоните, додека бил запален и полициски комбе. Безбедносните сили возвратиле со солзавец и водени топови во обид да ја растурат толпата и да спречат поголема штета.
Еден демонстрант бил пренесен во болница со повреди на главата, а неколкумина се приведени. Властите веќе издале налози за апсење на осомничени лица поврзани со најжестоките инциденти.
Затворањето на Askatasuna, кое се случи непосредно пред божиќните празници, предизвика револт кај активистите, кои тврдат дека станува збор за политички мотивирана одлука и обид за задушување на алтернативните и критички гласови во градот.
Италијанската влада, предводена од премиерката Џорџа Мелони, остро ги осуди случувањата, нарекувајќи ги „директен напад врз државата и институциите“. Таа порача дека насилството нема да се толерира и најави строги мерки против организаторите.
Од друга страна, левичарските групи ја обвинуваат владата за репресија и селективен пристап кон протестите, тврдејќи дека десничарските акции ретко се санкционираат со иста строгост.
Случувањата повторно ја отворија дебатата во Италија за границата меѓу правото на протест и јавната безбедност, како и за иднината на автономните социјални центри низ земјата.



