Во координирана акција на царинските истражни служби и повеќе државни институции е разоткриена фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и внесувала стока во земјава без царинска постапка.
Акцијата била реализирана од царинските инспектори од Одделението за истраги, во соработка со Министерство за внатрешни работи, Управа за јавни приходи, Агенција за пошти и Државен пазарен инспекторат.
При извршениот претрес во просториите на фирмата биле пронајдени 166 поштенски пратки со разновидна стока, чија вкупна вредност се проценува на околу 240 илјади денари. Според надлежните, стоката била внесена во државата без да биде пријавена кај царинските органи, со што биле прекршени законските процедури за увоз.
Истрагата утврдила дека фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што пратките ги транспортирала со возила преку граничен премин, целосно избегнувајќи царинска контрола. По нелегалниот влез, стоката била складирана во магацин во сопственост на фирмата, од каде што требало да биде дистрибуирана до нарачателите, за што се наплатувал паричен надомест.
Целокупната пронајдена стока е запленета, а инспекторите поднеле кривична пријава против едно правно и едно физичко лице, поради сомнение за кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Од Царинска управа најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени контроли и заеднички акции со другите институции, со цел сузбивање на нелегалната трговија, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување фер и еднакви услови за сите компании што работат согласно закон.

