Во ОВР Виница е пријавен тежок случај на телефонска измама, во кој жртва е 86-годишна жена од Виница.
Како што е пријавено, на 23 јануари 2026 година околу 08:50 часот, непознато лице телефонски ја контактирало оштетената, претставувајќи се како лекар од Словенија. Лицето ѝ соопштило дека нејзината ќерка, која наводно престојувала и работела во Словенија, се здобила со тешки телесни повреди и дека за итна операција биле потребни поголема сума пари.
Доведена во заблуда и загрижена за здравјето на својата ќерка, жената ги подигнала паричните средства од банка, по што, согласно инструкциите што ги добила, парите ги предала на непознато лице во дворот од семејната куќа, кое дошло да ги преземе.
Подоцна, откако стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за измама, по што случајот бил пријавен во полиција.
Надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите.



