Кина го отфрли ултиматумот на Трамп кон Куба и побара веднаш да се укинат блокадите од САД, потврдувајќи ја својата поддршка за кубанската сувереност. На 12-ти јануари, Кинеското Министерство за надворешни работи изрази силна поддршка за Куба, по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон оваа карипска нација.
Во објава на платформата Truth Social, Трамп ја повика Куба да „направи договор, пред да биде доцна“, сугерирајќи дека киднапирањето на претседателот Николас Мадуро би можело да предизвика длабока системска криза во Куба. Сепак, тој не ги објасни условите на таквиот договор или последиците од одбивањето на соработката.
Кинеската портпаролка Мао Нинг, на редовна прес-конференција во Пекинг, го отфрли Трамповиот став и повика на дополнителни акции кои ќе придонесат за мир и стабилност во регионот. „Латинска Америка е составена од суверени и независни држави кои имаат право самостојно да ги избираат своите партнери за соработка. Без оглед на тоа како се развива ситуацијата, Кина ќе продолжи да ја продлабочува практичната соработка со Латинска Америка, вклучувајќи ја и Венецуела, и да промовира заеднички развој“, увери таа.
Кина повторно повика САД веднаш да ја прекинат блокадата, санкциите и секоја форма на присила против Куба, и да направат повеќе за да придонесат за мир и стабилност во регионот. Во исто време, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел веднаш одговори на Трамп, нагласувајќи дека „оние кои сè претвораат во бизнис, дури и човечки животи, немаат морално право да укажуваат на Куба во што било“.
„Куба е слободна нација (…) Никој не ни кажува што да правиме“, истакна тој, додавајќи дека Куба не напаѓа, туку е нападната од САД веќе 66 години и е подготвена да ја брани својата татковина до последната капка крв.

