Епископ Партениј, Игумен Бигорски
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени мои,
Еве, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, Бог нѐ удостои и оваа година да стасаме до петтата седмица од чесниот и велик Пост. И особено сме благодарни што вечерва сме собрани заедно, за да го испееме целиот Акатист – ова прекрасно црковно поетско сочинение, коешто светите отци утврдиле свечено да се пее во текот на светата Четириесетница. Во првите четири седмици, секој петок навечер, се пееше по една статија, бидејќи целиот Акатист е составен од четири статии; а денес, на петтата сабота, наречена уште и саботата на Акатистот, ги собравме сите четири заедно во единствен благодарствен букет од прекрасни химни кон нашата премилостива Мајка.
Оваа година, пак, има особено значење. Вселенската Патријаршија, пред некој ден, со посебно пригодно послание[1] нѐ потсети дека оваа година одбележуваме 1400 години од првото пеење на Акатистот – настан неразделно сврзан со чудесното избавување на Константинопол во 626 година. Имено, тогаш Царствениот град на православните се нашол во смртна опасност. Императорот Ираклиј (610–641) бил далеку од престолнината, водејќи војна на Исток, за да ги поврати областите освоени од Персијците – земјите на денешен Иран и Ирак. А во тоа време, обединетата сила на Аварите и Словените го опколила градот од копнената, европска страна, додека Персијците под водство на војсководецот Шахрабараз стоеле на азискиот брег, кај Халкидон.
Градот бил притеснет од сите страни. Немал доволно војска за соодветна одбрана. Но имал нешто поголемо од секоја војска: ја имал верата во својата непосрамена Заштитница, Пресвета Богородица. Патријархот Сергиј ја понел во молитвена литија чудотворната икона на Пресвета Богородица по ѕидините на градот, и целиот народ се молел со неизмерна надеж. И кога непријателската флота навлегла во водите на градскиот залив, Златниот Рог, морето се разбранувало со чудесна сила, толку многу, што ги уништило непријателските бродови. Непријателот бил разбиен, не со човечка сила, ами по една чудесна интервенција на Владичицата небесна.
Тогаш, целиот народ, стоејќи цела ноќ во храмот на Пресвета Богородица во Влахерна, ја испеал оваа химна на благодарност. И затоа таа се нарекува Акатист (грч. Ἀκάθιστος), односно химна што се пее стоејќи, без седнување, бидејќи никој не можел да седне пред таквата величина на Божјото застапништво преку Неговата Мајка[2].
Но, мили мои, да се запрашаме: дали ја славиме вака торжествено Богородица единствено затоа што направила едно такво чудо пред четиринаесет века? Не, се разбира. Она чудо, колку и да е величествено, е само одблесок на едно друго, уште поголемо, на најголемото чудо во историјата на човештвото. Оти, преку Неа не само што бил спасен еден град; преку Неа е спасен целиот род човечки. Таа стана вратата преку која Бог влезе во светот. Таа стана скалата по која Бог слезе до нас, луѓето. Таа стана храм божествен, сместилиште на Несместливиот, како што пее Црквата. И Он, Бог наш, чекаше, со трпение на вечноста, да се јави таква личност, толку чиста, таква Дева, за да може да прими тело од Неа и да стане еден од нас.
Да, возљубени, тоа е парадоксот над парадоксите: Оној Кој држи сѐ во свои раце, и небото и земјата, и сè видливо и невидливо, Истиот благоволи да биде содржан во утробата на едно скромно девојче од Назарет. Дури и Архангелот Гаврил бил во недоумение пред оваа најголемо таинство. И ангелите се чуделе, зашто Бог, Кој „со педа ги мери небесата“[3], прими плот од пречиста Дева. Толку нè засака Бог нас, луѓето, што стана како еден од нас.
И тоа е најголемото чудо што му се случи на овој свет. Тоа е нашето најголемо достоинство, тоа е најголемата пофалба на целиот род човечки. Затоа вечерва слушнавме толку епитети во Акатистот: „Радувај се, скало небесна, по која слезе Бог; радувај се, мосте, кој ги пренесуваш од земјата на небото…“ И песнописецот, свесен за ограниченоста на секој збор пред таквата величествена тајна, воздивнува: и да Ти принесеме, Цару пресвет, песни, рамни по број на морскиот песок, ништо достојно не ќе направиме спрема сѐ она што ни е дадено. Затоа што Он ни ја дал и Богородица, како дар, како Мајка наша, како Мајка на целиот човечки род.
Апостолското четиво на Богородичните празници што пред малку го чувме[4], неслучајно нѐ упатува кон старозаветната Скинија и Соломоновиот храм. Во Скинијата бил ковчегот на Заветот, покриен со злато, а во него манната, жезолот Ааронов и таблиците на Законот. Но сето тоа беше само сенка, праслика, додека вистинскиот Храм, неракотворениот, е Пресвета Богородица. Зашто Таа не примила таблици од камен, туку Самиот Живот; не манна, туку Самиот Леб на животот[5]; не жезол, туку Самиот Првосвештеник по чинот Мелхиседеков[6]. Псалмопејачот и цар Давид пророчки ја опишал Дева: Застанала царицата од десната страна Твоја, во одежда златовезена облечена, разноукрасена[7]. Таа Царица е истовремено и Богородица и самата Црква. Зашто Црквата е богочовечки организам: украсена со крвта на мачениците, обогатена со добродетелите на безбројните преподобни, озарена со подвигот на исповедниците и желна да се украсува и со нашите добродетелни животи. Богородица е, исто така, Црква, затоа што Му дала тело на Словото Божјо, а Црквата, од своја страна, е тело Христово.
И доколку некој навистина сака да знае каква вера е православието, нека погледне во Пресвета Богородица. Во Неа е соединета целата догма, целата теорија и целата пракса на православието. Пресвета Богородица е олицетворение на суштината на православната христијанска вера. Таа истовремено е и милост и чистота, и добрина и светост, и обожение и нежност, и кротост и праведност, и мајчинска грижа и аскеза, и трпение и заедница. Во ниедна друга религија, во ниедна идеологија и философија не постои таква личност. Човек, а толку божествена! Создание, а Мајка на Создателот!
Затоа, мили мои, да не Го изневеруваме. Ние кои сме крстени во Христа и кои се облековме во Него[8], да се обогатиме со добродетели, да се украсиме, пред сè, со милосрдието – таа добродетел без која сè останато е ништожно. Во текот на овој Велик пост, постојано нагласував токму за милосрдието, бидејќи заклучувам дека ние, како христијани, забораваме на оваа многу важна добродетел. За многу нешта се грижиме, па дури и да богословиме – сите стануваме теолози, зборуваме за возвишени работи – а забораваме да бидеме милосрдни. А Самиот Господ ни рече дека на Страшниот суд ќе бидеме судени според неа: Гладен бев, и Ме нахранивте; жеден бев, и Ме напоивте; болен бев, и Ме посетивте[9]. Не рекол: „Убаво богословевте, убаво зборувавте за Мене“, туку: „Ме нахранивте, Ме облековте, Ме прибравте.“
Милосрдието е голем украс на христијанската душа. Милосрдието, меѓу другото, заедно со девственоста и чистотата ја краселе во полнота и самата Богородица.
Нека Таа, како Одигитрија, Патеводителка наша, ни помага во подвигот да се украсуваме со сите добродетели, за еден ден да бидеме препознаени од Нејзиниот Син и Бог наш, и да го слушнеме она за кое копнее секоја душа: Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот[10].
Амин.
ИЗВОР: bigorski.org.mk



