Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со граѓаните во Брвеница, изрази загриженост за изјавите на неговиот противкандидат, Хаќим Рамадани, оценувајќи ги како „голема грешка, пред се, за кандидатите за градоначалници од истата коалиција“.
„Замислете што ќе се случува сега во Тетово, во Струга, во Дебар и во одредени други општини“, рече Мицкоски, додавајќи дека таквите изјави предизвикуваат жалење и неверување и во меѓународната заедница. Според него, Рамадани ќе се соочи со последици по изборите во Брвеница, каде што „откако ќе ги изгуби најпрво изборите, ќе биде нормално разрешен од позицијата“.
Мицкоски нагласи дека поддршката на Владата ја имаат сите оние кои работат за иднината на Македонија, без разлика на етничката или политичката припадност. „Секој оној, којшто зборува за иднината на Македонија е добредојден мој соговорник. Секој оној, којшто зборува за поделби, особено етнички поделби, не само што не е добредојден, туку не му мисли добро на никого“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека Владата инвестирала во сите општини, без разлика на политичката припадност на градоначалниците. „Секаде подеднакво, под ист критериум инвестиравме. Таквиот пристап гради соживот и напредок“, порача Мицкоски.
Во однос на поддршката од Коалицијата ВРЕДИ, Мицкоски посочи дека таа не го поддржува Фатмир Дехари во Кичево и ги повика граѓаните да размислат за неговата кандидатура. „Жалам што здруженијата на мајки и женски здруженија не излегоа со осуда за неговите постапки“, заклучи Мицкоски.

