На денешен ден, 10 април 1948 година, започна изградбата на хидроенергетскиот систем „Маврово“ – еден од најголемите и најзначајни енергетски проекти во историјата на Македонија. Овој капитален зафат не само што ја постави основата на современиот електроенергетски систем, туку и претставува пример за визија, пожртвуваност и технички подвиг.
Проект што ја осветли Македонија
Хидроенергетскиот систем „Маврово“ денес опфаќа три хидроелектрани:
- ХЕЦ Вруток – најголемата и акумулациона електрана
- ХЕЦ Равен – проточна електрана
- ХЕЦ Врбен – проточна електрана
Со вкупна акумулација од 275 милиони кубни метри вода и годишно производство од околу 430 GWh електрична енергија, системот претставува еден од клучните извори на електрична енергија во земјата.
Вкупната инсталирана моќност денес изнесува околу 200 MW, што го прави ХС „Маврово“ еден од најмоќните хидросистеми во Македонија.
Иако изградбата официјално започнува во 1948 година, првите активности започнуваат уште во 1947 година. Проектот се реализира во неколку фази и трае повеќе од една деценија.
Првата фаза завршува во 1960 година, а клучен момент е 1952 година, кога започнува полнењето на Мавровското Езеро – најголемото вештачко езеро во Македонија.
Водите во езерото се собираат од слив од над 500 км², од планинските масиви на Кораб и Шар Планина, а се пренесуваат преку сложен систем од канали и цевководи долги над 130 километри. За потребите на системот се изградени и околу 167 километри пристапни патишта.
Народен подвиг
Изградбата на ХС „Маврово“ не беше само инженерски проект – таа беше и вистински народен подвиг. Според податоците, околу 50.000 луѓе учествувале во изградбата преку доброволни работни акции.
Овој масовен ангажман ја симболизира посветеноста и ентузијазмот на генерациите кои ја граделе инфраструктурата на државата.
Официјалниот почеток на работата на системот се смета 27 мај 1957 година, кога на свеченост во селото Вруток, системот во употреба го пушта тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
Во периодот 1957–1959 година, во погон се пуштаат:
- агрегатите во ХЕ Вруток
- ХЕ Равен
- ХЕ Врбен
Со тоа се заокружува првата фаза од системот.
Подоцна, во периодот 1969–1977 година, се реализира втората фаза „Маврово 2“, со изградба на каналниот систем „Шарски води“, со што дополнително се зголемува капацитетот.
Трагедија што не се заборава
Историјата на овој проект ја одбележува и трагичен настан. Во ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 година, снежни лавини во долината на Радика затрупаа бараки и куќи, при што животот го загубија 52 лица, работници и жители.
Во спомен на нив, подигнат е споменик кај браната на Мавровското Езеро, а нивната жртва останува траен потсетник на цената што ја носат големите проекти.
Модернизација и иднина
Во 2014 година беше реализирана обемна ревитализација на системот, со што:
- се продолжи работниот век на електраните
- се зголеми сигурноста
- се зголеми капацитетот на акумулацијата
- се зголеми инсталираната моќност
Проектот овозможи дополнително производство од 40 GWh годишно, како и намалување на емисиите на CO₂ за околу 36.400 тони годишно.
За повеќе од половина век, ХС „Маврово“ има произведено над 17,5 милијарди киловат-часови електрична енергија, што го прави еден од најважните столбови на македонската енергетика.



