Зимското одржување на автомобилот често предизвикува различни мислења меѓу возачите. Додека некои сметаат дека е важно редовно да го мијат автомобилот за да се отстранат остатоците од сол и нечистотија, други веруваат дека често миење може да ја оштети бојата на возилото. Според стручњаците од Германскиот автоклуб (ADAC), постојат конкретни насоки кои можат да помогнат во донесувањето на правилна одлука.
Колку често треба да се мие автомобилот во зима? Според препораките на ADAC, учестеноста на миењето не треба да се разликува значително од летните месеци. Возачите треба да го мијат автомобилот кога сметаат дека е потребно. Иако зимските услови носат специфични нечистотии, како што е солта од патиштата, таа не претставува сериозен ризик за лакот ако автомобилот е во добро техничко состојба. Стручњаците истакнуваат дека новите автомобили имаат дополнителни фабрички заштити, вклучувајќи заштита на долниот дел од каросеријата и поцинковани лимови, што значително ја намалува можноста за оштетување.
Ситуацијата со постарите автомобили е поосетлива. Оштетувањата на заштитните слоеви на долниот дел од каросеријата можат да дозволат продор на сол и влага до металот, што го зголемува ризикот од корозија. ADAC исто така предупредува на временските услови во кои миењето на автомобилот не е препорачливо. На температури под минус десет степени Целзиусови, се препорачува да се избегнуваат автомати за миење, бидејќи наглиот контакт на топла вода со ладни површини може да предизвика термички шок и да го оштети лакот.
Пред самото миење, неопходно е да се отстрани целиот снег и лед од автомобилот за да се намали можноста за гребење на површината. Кога станува збор за изборот на програмата за миење, ADAC советува дека темелното отстранување на нечистотијата е најважно. Скапи програми со топол восок или дополнителни заштитни третмани не се неопходни за зачувување на каросеријата. Стручњаците исто така препорачуваат редовни технички контроли на автомобилот, особено пред и по зимската сезона. Овие прегледи можат да помогнат во навремено откривање и поправка на евентуалните оштетувања на заштитата на долниот дел од каросеријата, што значително ја намалува можноста за појава на корозија.


