spot_img

Отворени Олимписките игри во Париз

Париз, 26 јули 2024 (МИА) -  Олимписките игри во Париз беа официјално отворени со спектакуларно отворање што се одржа на брегот на Сена во...
spot_imgspot_img
ПочетнаБиблиотекаНе ја кради државата

Не ја кради државата

Не ја кради државата, бидејќи скапо е платена. Твоите браќа загинаа во војна бранејки ја државата. Тие ги положија своите животи за државата – а ти, како се осмелуваш да ја крадеш и подкраднуваш таа прескапа татковина. Оваа држава е нивна колку што е и твоја. И повеќе нивна, бидејќи ја платиле повеќе од тебе, повеќе вложиле во неа од тебе.

Јас велам, државата е сопственост на оние што лежат во гробовите исто колку и на оние што играат по салоните – и уште повеќе. Значи, оној што ја краде државата, мародер (крадец) е, исто како и оној што краде од мртвите. Бидејќи и едниот и другиот удираат по сопственоста на мртвите. Твоите дедовци, прадедовци и чукундедовци се бореа за оваа држава, се мачеа за неа, воздивнуваа, плачеа, се потеа, крвареа, умираа. Безумнику!

Кого го крадеш? Ги крадеш своите роднини – своите најблиски, кои те проколнуваат од гробовите. Се отсекуваш од нив и тие од тебе. Твоите претци не ти признаваат право на граѓанство во оваа нивна држава, тие се откажуваат од тебе и те вбројуваат во родот на глувците. Кога ја крадеш својата држава, ја крадеш својата татковина, земјата на твоите татковци, и ги крадеш своите браќа, синовите и ќерките на твоите татковци.

Замисли си што би се случило сите да одат по твојот пример; сите да почнат да ја крадат својата држава? Земјата на витезите и мачениците би се претвориле во јама на глувци! И праведниот БОГ, кој гледа по земјата и бара луѓе, ќе ја одземе земјата од глувците и ќе им ја даде на луѓе, на странци од блиску и од далеку.

Гледај, сè уште плачат вдовиците од војните. Сè уште се мачат недораснатите сирачиња, кои ги прашуваат своите мајки каде им сe татковците. Мајките им одговараат: Загинаа за оваа држава. Потонаа во морето и рибите ги изеле. Ова не е разговор само на една мајка со своите сирачиња, туку на илјадници мајки вдовици со своите деца.

Зар ти не се ежиш од ваквите разговори, кои го исполнуваат воздухот што го дишеш од Големата војна до денес? Како се осмелуваш да ја пружиш раката (во државната каса), да украдеш, да заграбиш?

Во неа е и крвта на загинатите војници и данокот на нивните вдовици и сирачиња. Крв и солзи крадеш кога ја крадеш државата. Тоа ќе им го дадеш на своите деца да јадат – таа крв тие солзи. Отров ќе им дадеш и ќе ги отруеш. Така достоинството на родителот ќе го претвориш во подлост на убиец. Ова ти не го знаеш и не веруваш, бидејќи не веруваш во живиот Бог кој сè гледа, страшниот ревнител за правда. Но, ќе дојде часот кога ќе дознаеш и поверуваш, но тој час може да биде тринаесетиот.

Гробови и олтари, тоа е твојата земја Македонецу, тоа е твојата држава. Орачот, било да орапо долината или по планината, изорува човечки коски. Тоа се, повеќето, коските на творците и бранителите на државата. И многу често плугот ги зафаќа и ѕидовите на погребаните цркви. Тоа е наследството, тоа се светилиштата на твоите татковци. Целата земја ти е покриена со гробови и олтари, повеќе од било друга земја на овој европски континент.

Што претставуваат тие олтари? Човечка жртва за правда. Што претставуваат тие олтари? Жртва на Синот Божји за спасение на луѓето. Жртвеник е, значи, земјата твоја, во должина и во широчина. Сакаш ли да крадеш од тој жртвеник? Кражбата на гробовите се нарекува мародерство; кражбата во храмот – светотатство. Сакаш ли со овие титули на себе да ги замениш титулите на твоите претци, кои се нарекувале светци, јунаци, родољуби, маченици? Сакаш ли со кражбата на гробовите и олтарите да го понижиш и морално да го извалкаш најсјајното наследство твое и на твојот народ?

Твојата земја не е некоја безчовечка прашума, во која се само коските на ѕверовите. Твојата земја е прастара човечка населба, прастаро боиште за царството небесно, „за чесниот крст и златната слобода“ , прастари човечки гробови и Божјо светилиште.

Епископ Николај Охридски, „Не ја кради државата“, Бигорски манастир Св. Јован Крстител, 2008

Целосната книга можете да ја погледнете ТУКА.

Придружете се на Вибер каналот на Македонија Денес. Притиснете ТУКА.
spot_img
spot_img