И покрај заедничкиот пазар и економските политики, минималните плати во Европската унија и понатаму покажуваат длабоки разлики меѓу земјите членки. На почетокот на годинава, само 22 од 27 држави имаат законски утврдена минимална плата, покажуваат податоците на Eurostat.
Без национален минималец се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска, каде висината на платите главно се утврдува преку колективни договори.
Кај останатите земји, јазот е значителен. Дури осум држави имаат минимална плата под 1.000 евра, додека уште осум се движат меѓу 1.000 и 1.500 евра. Само неколку најразвиени економии нудат износи над 1.500 евра.
Најнискиот минималец во Унијата е во Бугарија со 620 евра. По неа следуваат Летонија, Романија, Унгарија, како и Естонија, Словачка, Чешка и Малта.
Во средната група се Грција, Хрватска, Португалија, Кипар, Полска, Литванија, Словенија и Шпанија, каде минималецот се движи меѓу 1.000 и 1.500 евра.
На врвот се западноевропските економии. Франција, Белгија, Холандија, Германија, Ирска и Луксембург нудат значително повисоки примања, при што токму Луксембург со 2.704 евра има убедливо највисок минималец во Унијата.
Кога ќе се споредат бројките, највисоката плата е дури 4,4 пати поголема од најниската, што покажува дека економските разлики меѓу истокот и западот остануваат длабоки.
Сепак, сликата се менува кога ќе се земе предвид куповната моќ. Со пресметка според стандардот ППС, разликата се намалува на околу 2,4 пати, бидејќи животните трошоци во посиромашните земји се пониски. Во таа споредба, минималците се движат од околу 886 ППС во балтичките држави до над 2.100 ППС во Германија.
Интересен е и трендот на раст. Во последната деценија, Романија и Литванија бележат најбрзо зголемување на минималните плати, додека растот во Франција е најскромен. Тоа покажува дека дел од источноевропските економии постепено се приближуваат кон европскиот просек.
Но и покрај напредокот, бројките јасно укажуваат дека Европа останува „унија на различни минималци“, каде истата работа може да значи драматично различен приход – зависно од тоа во која држава живеете.



