Македонското друштво „Илинден“ во Тирана упати јавен повик до припадниците на македонската заедница во Република Албанија да се самоизјаснат како Македонци, оценувајќи дека процесот е од клучно значење за зачувување на националниот, јазичниот и културниот идентитет.
Во соопштението, кое е објавено на 18 декември 2025 година, од Друштвото наведуваат дека повикот се темели на важечката правна рамка во Албанија, конкретно на Законот за заштита на националните малцинства и одлуките на Советот на министри, со кои се гарантира правото на слободно и доброволно самоидентификување без притисок или страв.
Според „Илинден“, самоизјаснувањето претставува важен чекор кон зајакнување на институционалната застапеност на македонската заедница, подобро креирање на државни политики за националните малцинства и обезбедување поддршка за нејзиниот долгорочен развој. Од таму нагласуваат дека процесот е целосно доброволен, дека личните податоци се законски заштитени и дека не постојат негативни последици за граѓаните кои ќе ја искажат својата национална припадност.
Македонското друштво „Илинден“ ги повикува граѓаните да ги пополнат формуларите за самоидентификација и да ги достават до Комисијата за националните малцинства при Министерството за внатрешни работи на Албанија, согласно утврдените процедури.
Поддршка на иницијативата даде и Светскиот македонски конгрес, кој во свој апел истакнува дека самоизјаснувањето е, покрај законско право, и чин на граѓанска и национална одговорност, со кој се зајакнува колективниот глас на Македонците во Албанија и се обезбедува континуитетот на нивниот идентитет за идните генерации.

