Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во новогодишното обраќање направи сеопфатен осврт на 2025 година, оценувајќи ја како една од најтешките и најпредизвикувачките во поновата историја, и на глобален и на национален план. Таа посочи дека годината што изминува ќе остане запаметена по драматичните промени во меѓународниот поредок, крвавите војни со огромни човечки жртви и забрзаната милитаризација, како и по продлабочената климатска, еколошка и енергетска криза.
Силјановска-Давкова предупреди дека меѓународните институции сè повеќе се маргинализирани, а меѓународното право често суспендирано, што, како што нагласи, создава сериозни ризици за глобалната стабилност и мир.
Осврнувајќи се на позицијата на државата, претседателката истакна дека македонската надворешна и безбедносна политика во текот на 2025 година била цврсто усогласена со европската надворешна и безбедносна политика, при што земјата се промовирала како видлив и почитуван актер на меѓународната сцена. Во контекст на евроинтеграциите, таа нагласи дека фокусот бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми како суштинска основа за членство во Европската Унија.
На внатрешен план, 2025 година, според претседателката, означила почеток на значајни реформи. Таа ги издвои реформите во правосудството, засилената борба против корупцијата и организираниот криминал, изработката на национална развојна стратегија, како и воспоставувањето нови стратешки партнерства насочени кон економски развој. Дополнително, таа посочи на инфраструктурните инвестиции, напорите за долгорочно решавање на енергетските предизвици и системското унапредување на соработката со македонската дијаспора.
Како најтежок и најболен момент од годината, Силјановска-Давкова ја издвоји трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека таа ќе остане трајна сенка во колективната меморија на нацијата. Таа истакна дека општеството има морална и институционална обврска да не ги заборави жртвите, нивните семејства и повредените, но и да обезбеди правда. Според неа, таа трагедија мора да биде пресвртница што ќе придонесе за поодговорен политички и правен систем, кој нема да дозволи повторување на вакви невини жртви.
Во својата порака, претседателката упати желба Новата 2026 година да донесе исчекор кон траен светски мир заснован на меѓународното право и институциите, како и напредок на земјата кон полноправно членство во Европската Унија. Таа изрази надеж дека граѓаните ќе живеат во општество на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина.

