Во сенка на глобалните безбедносни тензии и војната во Украина, Сједињени Американски Држави и Русија се приближуваат кон можен договор за продолжување на нуклеарниот споразум New START, кој истекува во четврток.
Според дипломатски извори, разговорите во последните 24 часа донеле „значителен напредок“, но конечната одлука сè уште зависи од личното одобрување на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин.
Преговорите се одржале во Абу Даби, паралелно со дискусиите за Украина. Иако не се очекува формално правно продолжување на договорот, двете страни разгледуваат опција за неформална, политичка обврска да ги почитуваат правилата уште најмалку шест месеци по истекот.
Во тој период би започнале нови разговори за модернизација или целосно нов систем за контрола на стратешкото оружје.
Овој договор е последниот голем механизам што ги ограничува нуклеарните арсенали на Вашингтон и Москва – држави кои заедно контролираат околу 85% од светското нуклеарно оружје.
Спогодбата:
- го ограничува бројот на распоредени нуклеарни боеви глави
- поставува лимити за ракети, подморници и бомбардери
- овозможува меѓусебни инспекции и транспарентност
Без него, практично исчезнува системот за контрола и проверка, што може да отвори нова трка во вооружување.
Во разговорите учествувале блиски изасланици на Трамп, меѓу кои Стев Виткоф и Џаред Кушнер, без активно вклучување на Стејт департментот – потег што укажува на директен, неформален дипломатски канал.
Од руска страна, Кремљ засега не дава официјални изјави.
Клучен проблем останува Кина, чии нуклеарни капацитети не се опфатени со договорот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио порача дека секој нов систем за контрола мора да го вклучи и Пекинг, но кинеските власти засега не покажуваат интерес.
Поради правни и политички ограничувања, можно е продолжувањето да биде необврзувачко и базирано на доверба, наместо класичен меѓународен договор.
Сепак, експертите предупредуваат: ако New START престане да важи без замена, светот би можел да влезе во најризичниот нуклеарен период од крајот на Студената војна.
Клучот сега е во рацете на двајцата лидери – дали ќе изберат стабилност или неизвесност.



