Невообичаени сцени што потсетуваа на „Дивиот Запад“ го одбележаа празнувањето на Богојавление во Лерин. Инцидентите се случиле за време на традиционалниот чин на осветување на водите во реката Сакулева, на кој присуствувал и министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендијас, кој престојувал во пограничниот град по повод празникот.
Според видеа што масовно се шират на социјалните мрежи, меѓу учесниците кои скокнале во ледената река за да го фатат Чесниот крст дошло до сериозна напнатост. Наместо вообичаената свечена атмосфера, настанот бил проследен со турканици, влечење и меѓусебни удари, додека секој од присутните се обидувал да го задржи крстот за себе.
Снимките предизвикаа бројни реакции во јавноста, при што дел од граѓаните го осудија насилното однесување, оценувајќи дека ваквите сцени се несоодветни за верски празник кој симболизира мир, заедништво и духовно прочистување.
Надлежните засега не соопштија дали ќе има последици или санкции за учесниците во инцидентот. Настанот, сепак, повторно ја отвори дебатата за организацијата и безбедноста при одбележувањето на традиционалните верски обичаи.

