Педесетгодишен скопјанец е лишен од слобода откако под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа на булеварот „Гоце Делчев“, во која биле повредени две лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека инцидентот бил пријавен околу 16:15 часот, кога дошло до судир меѓу три патнички возила – „сеат ибица“, „тојота“ и „мерцедес“, сите со скопски регистарски ознаки.
Според информациите, „сеатот“ го управувал М.М. (50), додека другите две возила ги возеле А.Г. (25) и М.В. (32). Во несреќата со повреди се здобиле возачот на „тојота“ и неговата сопатничка, по што им била укажана лекарска помош.
При извршената контрола, полициските службеници утврдиле дека М.М. бил под дејство на алкохол. Алкотестот покажал 2,32 промили алкохол во крвта – повеќекратно над дозволеното.
За случајот бил известен јавен обвинител, а возачот е приведен во полициска станица. По целосното документирање, против него ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.



