Министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, реагираше на неодамнешната препорака од Србија која советува своите граѓани да не патуваат во Хрватска. Според него, оваа препорака е без основа и не одговара на реалноста.
Главина истакна дека граѓаните на Србија продолжуваат да доаѓаат во Хрватска, не само за туристички причини, туку и за работа. Тој напомена дека околу 20.000 Срби работат во хрватскиот туристички сектор, што ги поставува на трето место меѓу странските работници во земјата.
„Хрватска е една од најбезбедните земји во светот и важна туристичка дестинација. Граѓаните на Србија доаѓаат тука не само за да уживаат во убавините, туку и за да се приклучат на европскиот пазар“, рече Главина.
Министерот, исто така, изрази уверување дека трендот на раст на туристичките посети од Србија ќе продолжи, без оглед на препораките од официјална Белград. Според него, хрватските туристички капацитети остануваат стабилни, а резервациите не покажуваат значително намалување.
„Ситуацијата во регионот не влијае на интересот на туристите. Хрватска е блиску до многу европски пазари, а ние сме подготвени да ги пречекаме сите посетители“, додаде Главина.
Тој истакна дека и покрај актуелните настани во светот, Хрватска останува атрактивна дестинација, а очекувања за летната сезона се оптимистички, особено со новите директни авиолинии од САД кон хрватските градови.
„Можеби некои Европјани кои планирале патувања на подалечни дестинации ќе одлучат да останат во Европа и да изберат Хрватска како своја дестинација“, заклучи Главина.



