Во СВР Скопје синоќа во 22:20 часот бил пријавен случај на наводна измама и кражба извршена од такси-возач на подрачјето на главниот град.
Според пријавата, 27-годишен државјанин на Турција изјавил дека околу 19:15 часот, заедно со својата сопруга, се качил во такси возило пред трговски центар на подрачјето на Гази Баба, со крајна дестинација во реонот на Бит Пазар.
По пристигнувањето на договорената локација, пријавителот извадил сума од 2.000 денари и 50 евра и го прашал такси-возачот колку изнесува надоместокот за услугата. Наместо да ја соопшти цената, возачот, како што се наведува во пријавата, ги одзел парите и ги избркал патниците од возилото.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.

