Американскиот производител на електрични автомобили Tesla објави дека работи на подготовките за производство на батериски ќелии во својата фабрика во близина на Берлин, со цел да достигне капацитет од максимално осум гигават-сати годишно до 2027 година. Сите производствени процеси, од батериските ќелии до целите возила, ќе се одвиваат на една локација, соопштија од компанијата, додавајќи дека таквата производствена линија ќе биде единствена во Европа и ќе ја зајакне отпорноста на нивниот синџир на снабдување.
Во моментов, во фабриката во Грунхајде се произведуваат само делови, додека батериските ќелии се увезуваат од САД. Вкупната инвестиција во фабриката за батерии ќе изнесува речиси една милијарда евра, најавија од американската компанија. Тие истакнаа дека моменталната производствена ситуација во Европа не е исплатлива поради конкуренцијата од Кина и САД.
Уште во 2020 година, Илон Маск изјави дека сака да го претвори погон во Грунхајде во најголема фабрика за батерии во светот, а производството на комплетни батериски ќелии беше планирано од отворањето во 2022 година. И други производители на автомобили вложуваат значителни средства во фабрики за батерии. Volkswagen, на пример, гради погон во германскиот Салцгитер, шпанската Валенсија и канадскиот Сент Тома.

