„ Се сврши!“ – овој потресен крик денес не е само ехо на една историска неправда, туку татнеж што одекнува до краиштата на Вселената, додека густата темнина ја прегрнува Голгота и влегува во најскриените одаи на секое човечко битие. Трепери сечија душа, се раскинува секоја утроба пред ужасот на она безумно „Распни Го!“, изречено токму од устата на човекот – миленикот на Создателот. Ова се мигови на најдлабоко соочување со сопствената совест; часови во кои пред нас се открива најстрашниот парадокс на нашето постоење: човекот кој во занес распнува и Љубовта Божја која во тишина се предава на распетие. Пред нашите очи се развива онаа страшна сцена пред која и ангелите ги покриваат своите лица, не можејќи да го поднесат страдањето на својот Творец, додека човекот – таа круна на Божјите раце – со безумна ревност го довршува своето најголемо беззаконие.
И токму тука, во овој трепетен молк каде што словото занемува, ја согледуваме бездната меѓу двата образа: оној на првиот Адам во Рајот, некогаш овенчан со божествена слава, и овој на Новиот Адам на Голгота – обесчестен, изнаказен, облечен единствено во пурпурот на сопствената крв, оставен во мачната осаменост на напуштеноста. Пред тој призор душата замира и се прашува: како станавме распнувачи на Оној Кој ни подари сè? Зошто нашите раце, создадени за милување, избраа да ги држат оние страшни оружја и да коваат клинци? Овие прашања го прободуваат нашето битие пред Крстот Христов, претворајќи го созерцанието во длабок плач за сопствената неблагодарност.
Токму таков трепетен плач го натопи денешното богослужение во Бигорското светилиште. Го упатуваме последниот и најдлабок поглед во Лицето на Распнатиот, крунисано со трње, кое наместо со осуда, зрачи со сострадание. Стотици верни стојат скрушени пред призорот на нашиот Старец и Игумен, епископ Антаниски г. Партениј, кој цврсто го прегрнува крстот – тој Крст сотворен од нашите падови, а доброволно понесен на неговите татковски плеќи. Гледајќи во него, таинствено се пренесуваме на Голгота; во раширените раце на нашиот Творец и Владика, во Неговата спасителна прегратка конечно сфаќаме дека Он не е деспот кој владее со сила, туку Јагне заклано за гревовите на светот. Он не слезе од Крстот, иако легиони ангели го чекаа Неговото мановение; остана таму за да посведочи дека Божеството не отстапува пред човечкиот грев, туку го победува со бесконечно простување. „Отче, прости им, оти не знаат што прават“ – зборови кои се нашата единствена надеж, но и нашиот најголем срам.
Но, во овој миг на привиден пораз, кога земјата трепери и завесата на храмот се расцепува, откриваме дека Христос влегува во срцето на смртта не како жртва, туку како Победител, за да ја разурне одвнатре. Он го преобразува нашиот последен издив во пасхален премин кон вечноста. Зашто Крстот веќе не е само дрво на срамот, туку самото Лице на распнатата Љубов која не познава граници. Токму во оваа таинствена атмосфера, Самиот Бог ги повика нашите најмлади двајца послушници, Давид и Илија, вбројувајќи ги како искушеници на Бигорското монашко братство: да Му служат на Оној Кој Прв ни послужи нам.
Нека денешниот сокрушен крик го пробие закоравениот камен на нашите срца, за во нивната измиена длабочина конечно да се всели незаодната Светлина. Да престанеме да Го распнуваме со својата рамнодушност и да дозволиме Неговата жртва да стане наш Живот.
За оние кои не беа во можност физички да присуствуваат во нашето светилиште и да го споделат овој молитвен трепет, изразуваме искрена благодарност до Стојан Стојановски и неговите пожртвувани соработници од „2С Студио“, кои со својот несебичен труд овозможија директен пренос на нашиот Јутуб канал, соединувајќи нè сите во заедничкото созерцание пред Христовите страданија.
ИЗВОР: Бигорски Манастир, bigorski.org.mk



