Националниот парк Шар Планина ја извести јавноста дека на територијата на паркот моментално е регистрирана висока лавинска опасност, особено на подрачјата со надморска височина над 1.700 метри.
Според надлежните, ваквата состојба е резултат на комбинација од неповолни временски услови – променливи температури, силен ветер и обилни снежни врнежи во изминатите денови. Заедно со специфичниот планински рељеф, овие фактори доведуваат до нестабилност на снежната покривка и зголемен ризик од појава на лавини.
По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за појава на лавина во рамки на паркот, екипи на Националниот парк излегоа на терен и извршија увид на локацијата. Претходно, операторот спровел пребарување со лавински уреди, при што било утврдено дека нема затрупани лица, а до овој момент не се пријавени исчезнати посетители. Настанот, за среќа, поминал без човечки жртви.
Паралелно со теренската проверка, бил направен и стручен увид во стабилноста на снежната покривка од експертски тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планински туризам. Согласно нивната проценка, утврден е степен 4 – висок лавински ризик, според европската скала за лавинска опасност (од 1 – низок, до 5 – многу висок).
Од Националниот парк апелираат до сите посетители да се движат со крајна внимателност, да избегнуваат потенцијално опасни лавински зони и да не се упатуваат кон повисоките делови на планината без присуство на квалификувани водичи. Истовремено, се потсетува дека посетите треба навремено да се пријавуваат преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, ќе продолжат со постојано следење на состојбата и навремено информирање на јавноста за сите промени.
Од паркот потсетуваат дека иако Шар Планина нуди исклучителни зимски убавини, престојот во планински услови бара високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавините се тешко предвидлив природен феномен и секое движење надвор од безбедните зони носи сериозен ризик.



