Полицијата поднесе кривична пријава против 61-годишен жител на скопското село Студеничани поради сомнение за неовластен влез во воени објекти и снимање на чувствителни содржини.
Станува збор за лицето А.Ш. (61), против кое Секторот за внатрешни работи Тетово презеде мерки поради постоење основано сомнение дека неовластено влегувал во воени простори, при што изработувал скици и цртежи од објектите и борбените средства.
Според полициските информации, осомничениот бил ангажиран како возач на автобус во фирма која вршела организиран меѓугарнизонски превоз за потребите на Министерството за одбрана. Во рамки на тие активности, на 17 февруари годинава, тој влегол во кругот на касарната во Тетово.
За време на престојот во касарната, осомничениот направил три видео записи од внатрешноста, кои подоцна ги споделил преку мобилна апликација.
Од полицијата информираат дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат понатамошни постапки.



