Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози, информираат од АМСМ во дневниот извештај од 9 јануари во 6:25 часот. Поради протест на грчките земјоделци, на граничниот премин Ники, односно Меџитлија, во сила е забрана за движење на товарни возила која ќе трае до 10 јануари до 10 часот, додека сообраќајот за патнички моторни возила се одвива непречено.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Од АМСМ потсетуваат дека законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата е во сила од 15 ноември и ќе важи до 15 март, без оглед на моменталните временски услови.
Возачите се повикуваат на зголемена внимателност, прилагодување на брзината и строго почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патните правци низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои ризик од одрони. Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во рамки на сезонскиот режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен за сите видови возила и ќе биде недостапен до 31 март 2026 година. Истовремено, на повеќе патни правци низ државата се спроведуваат градежни активности и времено изменет режим на сообраќај, меѓу кои на Коридор 10 на делницата Прилеп – Битола, на скопската обиколница, како и на патиштата Крива Паланка – Страцин, Косоврасти – Мелнички Мост и Гостивар – Стража, каде сообраќајот се регулира со семафори или рачна сигнализација.
АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја приспособат брзината кон условите на патот, особено во зимски услови и на делници со активни работи.

