Утрешната програма (5 ноември) од манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и дел од петдневните активности по повод Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, продолжува со традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија (ДЛУГ). Изложбата ќе биде отворена во Уметничката галерија „Амам“, со почеток во 19:00 часот. Организатор е НУ Музеј- Гевгелија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија.
Со свои дела ќе се претстават 21 ликовен уметник од различни генерации: Атанас Крстов, Адриана Манчева, м-р Александар Јанев, Ана Петрова, Борис Петров, Анамарија Митриќеска Кал’чева, Вангел Срнаков, Горан Јованов, Гордана Петрова, Дамјан Ѓуров, Драги Хаџи-Николов, Иван Кал’чев, Јордан Јанев- Дане, Мирјана Крстева Массетти, Михаил Петров, Никола Бутров, Перо Кованцалиев, Катерина Чугунска, Розета Картова, Сотир Хаџи-Николов и Фиљо Танов.
– Колективното обединување на професионалните и аматерските уметници од регионот, од најразлични генерации- од возрасни до сè помлади, како и според полето на изразување- сликари, скулптори, графичари и мултимедијални уметници, има за цел да ја промовира ликовната уметност преку своите креации. Преку долгогодишното постоење, ДЛУГ се издигнува како еден од главните интелектуални и културни двигатели на гевгелиската сцена, внесувајќи разновидни форми на изразување, без ограничувања на техниката.
Уметниците, преку спонтани техники, овозможуваат интеракција на светлина и сенка, боја и простор, нагласувајќи ја убавината на едноставноста и стремежот да пренесат чувство за место кое резонира со гледачот. Делата откриваат слоеви на емоции и атмосфера, поттикнувајќи перцепција за реалноста и сложеноста на човечкото искуство. Секое дело претставува одраз на внатрешниот дијалог на уметникот, каде хаосот и спокојството коегзистираат во визуелна нарација што резонира на повеќе нивоа- стои во освртот на кустосот и историчар на уметност, м-р Александар Каракабаков.


Извор:gevgelija.gov.mk



