Во пресрет на најголемиот христијански празник – Рождеството Христово, разговараме со отец Константин од Македонската православна црква во Чикаго. Во духот на Бадник и Божиќ, тој ни зборува за значењето на празникот, улогата на верата меѓу македонската дијаспора и пораките на мир, љубов и заедништво кои се особено важни во денешно време.
- Отец Константин, што претставува Божиќ од православна перспектива и која е неговата суштинска порака за верниците денес?
– Најпрво, да ви се заблагодарам на поканата и дадената можност да говорам, во име на македонската заедница во Чикаго и неговата околина.
Рождеството Христово – Божик е најскапоцениот дар за нашето спасение од Бога. Тоа не е само нешто што се случило во минатото како историски настан, туку, на некој начин, надминувајќи го времето имаме чувство дека и ние сме таму каде што се раѓал Господ и учествуваме во оваа радост на несоздадениот благослов. Ние вчудовидени гледајќи како себлагиот Бог, Богат во Неговото Божество, се облекол во сиромаштво и во слабоста на човечкото тело, раѓајќи се во Витлеемската пештера, ни ги даде Неговата благодат и соединување со Него. Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот. Дојде за да остане со нас во сите дни до свршетокот на светот. Та, тоа значи и Неговото име Емануил – со нас е Бог. Оттука ја имаме и суштинската порака до нас денес, која вели: Со нас е Бог, а на нас преостанува само да Го примиме со радост да живее во нашите срца. Срцето на секој од нас да стане благословени и свети јасли, оние во кој се Роди Богомладенецот, Господ Исус Христос.

2. Како можеме во современиот свет, вистински да го доживееме Христовото Рождество, а не само како традиција?
– Православните верници, запазувајќи ги и почитувајќи ги правилата на Црквата Божја, духовни и побожни, подготвени и утврдени во верата, тоа го доживуваат преку благодатта, уште тука на земјата, кога ние го претвкусуваме идниот век, односно Царството Божјо со самото причестување, односно соединувајќи се со Бога. Ако тоа се случува на секоја Света Литургија и на секое црковно богослужение, тогаш многу повеќе го имаме тоа чувство и таа благодат кога ги празнуваме големите празници и настани, како што е Рождеството Христово -Божик.

- Кои духовни подготовки се најважни за верниците во периодот на Божиќниот пост?
-Постот и покајанието, ни се голем дар Божји, без кој за нас луѓето нема обожување и спасение. Тие се наше благодатно учество во Рождеството Христово и Неговото Воскресение. Постот и молитвата ни ги подарил во Црквата Самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, Кој постеше во пустината четириесет дена и четириесет ноќи. Постот не е само воздржување од храна и пиење, туку воздржување и од грев. Треба да постиме не само со уста, туку и очите и ушите, нозете и рацете, сите делови на нашето тело. Рацете – чувајќи се од несправедливо богатство и среброљубие. Нозете – престанувајќи да одат на беззакони места. Очите – да не гледаат по убави лица и никаква убавина. Гледањето е храна на очите, му пречи на постот и го руши спасението на душата. Треба да постиме и со јазик – од лоши зборови и исмејувања. Каква полза добиваме ако се воздржуваме од нејадење на храна, а со јазик ги јадеме браќата, оти, оној кој зборува лошо, го јаде братот свој. Затоа и светиот апостол Павле рекол: “А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг”. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели, поставени за чистота на душата. Само така очистени и подготвени со добродетели, достојно ќе го дочекаме Рождеството Христово – Божик.

- Како се одбележува Божиќ во православната заедница во Чикаго и по што се разликува од празнувањето во татковината?
– Македонската Православна Црква ,,Св. Петка“ од Чикаго и нејзината Црковна заедница го задржале традициналното чествување, на Божикните празници, како во својата татковина така и тука во дијаспората. Заедно со управниот црковен одбор, и покрај ладното време тука во Чикаго, се трудиме, покрај празниците Бадник и Божик и сите други празници да бидат прославени во духот на православието и македонската традиција. Нашата црковна заедница, има Македонско Црковно Училиште, кое најпрво ги подготвува дечињата за пеење на Божикните и Бадникарски песни, преку кои ни го најавуваат Раѓањето Христово – Божик. Потоа ја имаме Женска секција, која се грижи за Божикните украси и декорации, во храмот и црковната сала, подготвување на Бадник и Подароци за сите дечиња, и најубавата наша традиционална македонска храна, според Црковниот редослед дали е тоа посна или мрсна трпеза, во согласност со Празниците.

- Со какви предизвици се соочуваат верниците во дијаспората кога станува збор за зачувување на верата и традицијата?
– Тоа е еден голем подвиг за нас свештениците во дијаспората и Американско-канадската македонска православна епархија. Живееме во едно мултирелигиско општество, со многу религии, култури, традиции и празнувања. Особено тука во Америка кога станува збор за Божик, тешко е но со силна вера и Божја помош успеваме да ја зачуваме нашата православна религија и празнувања, автентични во македонскиот дух и традиција. Од голема помош ни е многу младата имиграција, која е родена во Македонија и израсната во православието со нашата македонска традиција, која го говори македонскиот јазик, ги познава празнувањата и нивната суштина. Потешко е со идните генерации, особено со дечињата кои се родени тука, како втора, трета генерација, растејќи во општество, каде поинаку гледа на празниците и нивното чествување. Но пак ќе повторам тоа е нашата мисија дадена од Бог, како македонски православни свештеници да се трудиме со силна вера и Божја помош да го сочуваме православното чествување.

- Колку е важна улогата на црквата во обединувањето на македонската односно православната заедница во Чикаго?
– Од голема важност е улогата на црквата. Црквата е народот во заедница за слава на Бога, ако е тука народот со добар пастир ќе имаме и жива црква. Кога имаме жива црква, треба да се трудиме да имаме и силна духовност со здраво поведение, обединети во Христа. Тоа се стекнува преку редовното доаѓање на Св. Литургии за време на празниците, запазување на постите и редовното причестување со Св. Дарови. Така растејќи духовно во црквата и заедница, преку чествувањето на празниците, ние си ја негуваме и нашата култура и традиција овде во дијаспората. И се трудиме секој да ја знае нашата религија, познава својот јазик, идентитет, култура и традиција, како Македонец.
- Како родителите можат да им ја приближат духовната смисла на Божиќ на децата кои растат во мултикултурна средина?
– Се е во зависност од трудот на семејството и родителите, кон нивните деца и идни поколенија. Ако тие редовно ги посетуваат Св. Литургии и црковната македонска заедница, децата ќе знаат за православното празнување и македонската традиција. Тука во дијаспората е исто така, многу важна и битна алка од запознавањето на младите со нашата вера и обичаи. Имаме семејства од сите краеви на македонија, со различни обичаи и традиции за време на Божикните празници, што ги збогатуваат нашите чествувања. На сите им обрнуваме внимание и даваме простор во Божикните празнувања. Така што сите семејства, им ја пренесуваат традицијата од својот крај на децата, а тие пак на Божикните претстави и празнувања ни ги пренесуваат во црковната заедница. Тоа е еден процес, во кој младите учествуваат, се поучуваат, а исто така и се негуваат верата, јазикот македонски, обичаите и традицијата.

- Како црквата ги вклучува младите во Божиќните активности и богослужби?
– Овде во дијаспората, како што и споменав секоја црковна заедница, има основано Македонско Црковно Училиште, кое е нераскинлив дел од секој храм, во полза на младите и децата, за нивно образование и растење во верата, изучување на македонскиот јазик, култура и традиција. Преку годиниата, и со наближување на празникот Божик, во училиштето почнуваат подготовките, преку пеењето на Бадниковите песни, правење на Божикни пештери и Ѕвездата која ги водела мудреците, подготовка за Бадниковата поворка и Божикната изведба по Светата Божикна Литургија. Тука не само децата и младите, туку и нивните родители се вклучени во подготовките за Божик, како што се чистењето и украсувањето на храмот. Тоа е еден пример, кој остава трага и создава навика кај младите и децата, да се присутни во храмовите за празниците, почитувајќи си ја верата и македонската традиција.
- Која порака би им ја упатиле на младите кои се оддалечуваат од верата?
– Денес во црквата Божја имаме се поголема присутност на младите, но за жал имаме и такви кои се оддалечуваат од верата и црквата. Нема спасение надвор од црквата, без вера и добри дела. Верата без добри дела е мртва. За да правиме добри дела и да ја оживееме верата, треба да пребиваме во доброто. Пребивајќи во доброто значи да пребиваме во Бога, односно да сме во заедница со Бога. А таа зедница ја стекнуваме во Црквата Христова, на Светата Литургија, преку причестувањето со Светите Дарови, соединувајќи се со Бога. Оттука ќе упатам една порака до сите млади: Живеејќи во ова време-невреме полно со искушенија, да не се оддалечуваат од Црквата, туку да ја посетуваат и поучуваат во верата, негуваат македонската традиција и култура, каде и да се во светот.

- Божиќ е празник на љубовта и мирот – како оваа порака може да се примени во секојднениот живот?
– Бог е љубов. Споделувајќи ја и покажувајќи ја со дела љубовта кон ближните, ние го поттикнуваме и носиме мирот како христијани во Божикните празнувања. Каде во тивката мирна вечер, со неизмерна љубов Мајката Божја, на свет го донесе Богомладеноцот, за да се искаже љубовта на Бог кон човекот. Тој преку својата неизмерна љубов кон човекот, претрпе најстрашни маки за да му го даде ветеното спасение. Го имаме најдобриот пример на љубовта и мирот, од самиот Господ Исус Христос тука на земјата. Ете таква љубов треба да имаме и ние луѓето во нашите срца, особено за време на празниците.
- Како православната црква во Чикаго им помага на оние кои се осамени или болни за време на празниците?
– Светата Православна Црква се грижи за секој човек на земјата. На Светиот престол имаме свети дарови за болни и лица кои се спречени да дојдат во храмот на Св. Литургија и празниците. Свештеникот земајќи дел од тие свети дарови ( честици за болни ), ги посетува болните во домовите, болниците, изнемоштените лица и ги причестува со Светите Дарови. Тука се разбира секогаш е и некој член од црковната управа и заедница, која има подготвено некој дар или она што им е потребно на тие лица, особено за време на големите празници. На тој начин православната црква од Чикаго, се грижи за сите да бидат допрени од Бога, преку нас свештениците и заедницата во деновите на христијанските празнувања.
- Колку е важна хуманоста и милосрдието како дел од Божиќната радост?
– Семилостивиот Бог преку Рождеството Христово, го покажа неизмерното милосрдие кон нас луѓето. За нас христијаните, е многу важен дел од празнувањето на Божик, па би рекол и дека нема друг начин да ја покажеме својата љубов и верност кон Бога, ако не покажеме хуманост и милосрдие кон сите наши ближни. Божикната радост не би била во полнота исполнета, ако не ја покажеме хуманоста и милосрдие на секој што му е потребна во овие денови на празнување и радост на светот. Преку хуманоста и милосрдието, им помагаме на луѓето, за и тие лица да бидат за момент весели, насмеани и радосни за Божикните празници. А ние, правејќи добри дела, се здобиваме со духовни богатства на небесата за здравје и спасение.

- Што за Вас лично значи Божиќ како свештеник и духовен водач?
– Рождеството Христово- Божик е исполнување на спасениете кое дошло преку воплотувањето на Синот – второто лице од Света Троица, Господ Исус Христос. По милоста и љубовта на Бог кон своето најсовршено создание во светот, а тоа е човекот, му се објавува вистинска голема радост, дека се раѓа Младенецот за сите луѓе во светот. Божик е ден на радост, мир, љубов, топлина, хуманост, благодат излиена врз човекот, за негово спасение. Сите овие добродетели треба да пребиваат во нас, не само за Божикните празници, туку преку целиот наш живот, и несебично да ги споделуваме со нашите ближни, роднини и пријатели, како вистински христијани.
- Која Божиќна порака би сакале да им ја упатите на сите православни верници во Чикаго и пошироко?
— Возљубени чеда на Македонската православна црква,
Во овие времиња, исполнети со многу искушенија и предизвици, за време на Божикните празници, посакувам семилиостивиот Бог, вашите домови ги исполни со мирот и радоста, љубовта и почитувањето, сплотеноста и дарувањето, помирувањето и помагањето во Христа Богомладенецот.
Честит Божик
Х Р И С Т О С С Е Р О Д И!
Честито и од Бога благословено новото лето Господово!
Н.Заовска

