Москва, 25 октомври 2024 (МИА) – Русија денеска ги отфрли обвинувањата за мешање во клучните избори во Молдавија и Грузија и го обвини Западот за манипулација со гласачите во поранешните советски републики.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека западните земји се обидуваат да и ги диктираат условите на Грузија пред нејзините утрешни парламентарни избори, пренесе ДПА.
– Се разбира, тешко е да се замисли дека гордиот грузиски народ ќе толерира такви ултиматуми со кои секојдневно се соочува, рече Песков.
Утрешните изборите може да се покажат како крстопат за Грузија. Проевропската опозиција се бори за победа, додека конзервативната националистичка владејачка партија, која ја фаворизира Русија, има за цел да ја задржи власта.
Грузија неодамна ги заостри законите во врска со странското финансирање на невладините организации. Скратени се и правата на сексуалните малцинства.
И двата закони се сметаат за инспирирани од Русија и беа критикувани од Европската унија. Покрај тоа, Западот ја обвинува Русија за насочени дезинформации за манипулирање со јавноста.
Во меѓувреме, Молдавија на референдумот во неделата гласаше со многу тесна разлика за вклучување на пристапот во ЕУ како цел во нејзиниот устав.
Сепак, проевропската претседателка Маја Санду пропушти да добие мнозинство во првиот изборен круг. Таа сега се соочува со Александру Стојаногло, кој се смета за проруски настроен, на вториот круг од гласањето кој ќе се одржи на 3 ноември.
Песков изрази сомнеж во резултатите од референдумот, тврдејќи дека „недоследностите се видливи со голо око“.
– Властите на Молдавија не прават напори да ги објаснат овие аномалии, рече портпаролот на Кремљ.
Од Јасмина Тасевска/МИА