Сараево, 6 декември 2024 (МИА) – Руската амбасада во Босна и Херцеговина одговори на неодамнешните изјави на американската амбасада, кои ја обвинија Русија за „злонамерно влијание“ и закани за територијалниот интегритет на БиХ.
„Русија не се плаши дека ќе го загуби гасниот монопол во БиХ. Повеќепати нагласивме дека ја поддржуваме енергетската диверзификација во БиХ во интерес на граѓаните, а не на САД,“ порачаа од руската амбасада, обвинувајќи го Вашингтон за создавање сопствен енергетски монопол.
Руската страна тврди дека САД со „притисоци врз локалните политичари“ промовира „алтернативни гасни рути“ и ги обвини за саботажата на Северниот тек.
„Американската амбасада лаже кога вели дека Русија го загрозува територијалниот интегритет на БиХ. Напротив, реалните активности на САД можат да доведат до распад на државата,“ се наведува во соопштението.
Амбасадата прашува: „Дали само САД ги претставуваат интересите на граѓаните на БиХ? Дали тие навистина мислат дека граѓаните ќе прифатат поскап американски гас наместо поповолниот руски?“
Русија ги обвини САД за елиминација на политичари кои ги бранат националните интереси, додавајќи: „Американците сакаат само послушни марионети. Се плашат од конкуренција со Русија, користејќи санкции и други методи“.
Од Сања Костовска Извор МИА