Техеран, 16 јануари 2025 (МИА) – Договорот за стратешка соработка, што Русија и Иран треба да го потпишат, нема да има клаузула за заемна одбрана, каква што имаат договорите потпишани со Москва и со Пјонгјанг.
– Поинаква е природата на овој договор. Тие (Белорусија и Северна Кореја) имаат воспоставено партнерски односи (со Москва) во голем број области, за кои не преговаравме. Независноста и безбедноста на нашата земја, како и самостојноста, се исклучително важни. Ние не сме заинтересирани за присоединување кон кој било блок, изјави иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали.
Тој додаде дека Иран ќе ја гарантира сопствената безбедност.
Русија има потпишано договори за партнерство со Северна Кореја и со Белорусија, кои вклучуваат одредба за заемна одбрана.
Предвидено е претседателите на Русија и Иран, Владимир Путин и Масуд Пезешкијан, на 17 јануари да го потпишат долгоочекуваниот договор за сеопфатно стратешко партнерство.
Од Марина Илиевска Извор МИА