Ниш, 24 јануари 2025 (МИА) – Пленумот на просветните работници на Ниш донесе одлука за целосен прекин на наставата во основните и средните училишта на територијата на тој град до исполнување на барањата на учениците.
Во соопштението е наведено дека одлуката е донесена едногласно, со јавно гласање, јави Бета.
Вработените во образованието од пленумот испратија писмо до родителите и ги повикаа да ги поддржат во борбата што ја водат учениците.
„Да бидеме заедница која ќе ги смени овие накарадни рамки што ни се наметнати – не праќајте деца во училишта, бидете со нас! Само така, заедно ќе дочекаме и ќе се бориме за подобро утре“, се наведува во писмото испратено од пленумот до родителите.
На територијата на градот Ниш работат 36 училишта.
Од Златко Шумковски/МИА