Сараево, 24 јануари 2025 (МИА) – Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ поднесе неотповиклива оставка од оваа функција, објави на својот официјален Фејсбук профил.
„Со ова сакам да поднесам оставка од функцијата министер за безбедност во Советот на министри на БиХ од морални причини, поради сите минати настани, кои ќе бидат објавени утре и доставени до сите овластени институции преку моите адвокати“, изјави Нешиќ.
Тој додаде дека повеќе детали ќе бидат познати утре.
„Деталите и причините за мојата оставка ќе бидат објавени утре, откако ќе биде официјално поднесена“, додаде тој.
Нешиќ беше уапсен во декември поради корупција. Покрај Нешиќ, уапсени се и Милан Дакиќ, директор на јавното претпријатие „Путеви РС“, Младен Лучиќ, брат на поранешниот министер во Советот на министри на БиХ, Милош Лучиќ, и уште четири лица.
Тие се сомничат за сторени кривични дела на раководни позиции во „Путеви РС“ и неименувана фирма: здружување за извршување кривични дела, перење пари, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп.
Од Пандорка Арсовска-Гацова/МИА