Остри забелешки од Патријархот Вартоломеј за неправдите што ги трпи Патријаршијата: „Само неколку часа за Литургија во манастирот на Пресвета Богородица (Сумела) во Понт“
Особено остар беше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во однос на неправдите што ги трпи Патријаршијата, но и кон оние кои зборуваат за прекршување на Лозанскиот договор заради Литургијата во манастирот на Пресвета Богородица (Сумела) во Понт на 15-ти август.
Според информациите, дозволата за одржување на Литургијата во манастирот на Пресвета Богородица (Сумела) на 15-ти август е испратена деновиве писмено до Вселенската Патријаршија. Да се потсетиме дека на Фанар првично усно му беше известено дека оваа година нема да се издаде дозвола, а потоа и усно соопштено дека дозволата конечно се дава. Сепак, доцнеше официјалниот одговор од турските власти.
За време на Молебниот канон кој го отслужи г.г. Вартоломеј во Панагија Кумарјотиса во Нихори на Босфорот, од негова страна беше критикувана реакцијата на турскиот пратеник на малата „Партија на Нов Просперитет“, кој зборуваше за прекршување на Лозанскиот договор со Литургијата во манастирот на Пресвета Богородица (Сумела).
„Ги читав извадоците од весниците за реакциите што се појавија по издавањето на позитивната дозвола. Еден пратеник од една мала нова партија постави прашање до парламентот во Анкара, реагирајќи и протестирајќи за моето одење таму за Литургијата што ќе ја извршам со Божја помош, ако воопшто и ја направам… И господинот пратеник велеше дека оваа Литургија го нарушува Лозанскиот договор. Се прашувам како и од каде?
Тие не го применуваат Лозанскиот (договор)“, продолжи тој, давајќи го како пример затвореното Богословско Училиште на Халки, но и десеткувањето на населението на Имврос и Тенедос со случувањата во 1964 година.
„Ако постои кршење на Лозанскиот договор, тогаш тоа е во однос на Имврос и Тенедос, во Богословското Училиште на Халки. Лозанскиот договор, како што знаете, пред неколку дена наврши 100 години откако беше потпишан во Швајцарија. На 24 јули се одбележаа 100 години од потпишувањето на Лозанскиот договор. Тој зборува и за други работи. За мојата татковина Имврос, а и пошироко. За нашето право на теолошко образование. Халки останува затворено. Лозанскиот договор кажува работи од коишто сме лишени, и кои до сега не ни ги овозможија. И сега излегува господин пратеник да ни каже дека ние го прекршуваме договорот“ – со горчина изјави г.г. Вартоломеј.
Вселенскиот Патријарх се осврна и на одложувањето на извештајот за настаните од 1964 година во неговото родно место Имврос, по притисоците што ги доби турската новинарка Мелике Цапан.
„Уште една непријатна работа… Деновиве во моето родно место, Имврос, требаше да се објави една репортажа од една новинарка, во врска со настаните што се случија во 1964 година, кои направија Имврос и Тенедос да се испразнат од домородниот елемент. Да кажам дека Имврос имаше 7-8 илјади христијани, а со настаните од 1964 година останаа 300. А денес со промената на подобро од 300 станаа 600. Ама каде се тие седум илјади? Ѝ забранија на девојката да објави за тоа, бидејќи ‘не можеме да зборуваме за тоа што се случувало во 60-тите’. Тогаш подобро да не се случеа! Да не се случеа!“ Изјави Патријархот со очигледен емотивен набој, за да додаде: „Зошто да се срамиме од соочување со реалноста? Треба да се помириме со нашата историја, со нашето минато. Да ги напрекуваме смоквите смокви и чамците чамци“.
Патријархот додаде: „Не нè оставаат да се зарадуваме во радоста на Литургијата во манастирот на Пресвета Богородица (Сумела). Зошто? Толку едноставни работи! Неколку часа ќе одиме да се помолиме според нашата вера, според нашата религија и ќе се вратиме на нашите домови. Ниту еден ден. Само неколку часа“.
Патријархот исто така истакна дека и минатата година и оваа побарал да направи Вечерна богослужба во навечерието на празникот Успение на Богородица, во еден стар женски грчки манастир во височините на Трапезунд, во Теоскепасти. Му одговориле дека му е дозволено само Литургија во Панагија манастирот на Пресвета Богородица (Сумела). „И така“, вели Патријархот, „последниве 2-3 години Вечерната за Богородица ја правам во соборниот храм во Трапезунд, која со големо задоволство ни се отстапува од браќата католици“.
На крајот од својата проповед, Вселенскиот Патријарх им посака добредојде на жените од културното здружение на Неохорио од Орестиада и заврши велејќи: „Да имаме подобри денови. Да ги немаме овие жалости, овие дискриминации. Ние сме граѓани, исто како и останатите граѓани на оваа држава, кои имаат друга вера, различна од нашата. Се почитуваме, мораме да се почитуваме еден со друг и да живееме мирно, хармонично, убаво, како што би сакал Бог, Којшто е Бог на мирот и љубовта“.
ИЗВОР: bigorski.org.mk