Скопје, 10 март 2024 (МИА) – Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 175 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од кои „реални“ биле 38,34 отсто, а 61,66 процент се однесувале на други потреби на граѓаните што не биле итни.
Од реалните повици, како што наведува ЦУК, кон полицијата биле упатени 71,86 отсто, кон итната медицинска помош 21,67, кон пожарникарите 4,18, а кон АМСМ 0,38 отсто.
Регионалниот ЦУК – Тетово известил дека на бројот 112 граѓанин од село Форино во Општина Гостивар, доцна попладне пријавил дека мечка му дошла на имотот кај шталата, како и дека се движела околу шталата во моментот на пријавување. Веднаш била известена Полициската станица – Гостивар чија екипа излегла на местото на настанот. Случајот бил внимателно истражен по што е известено дека животното нема направено штета во шталата и на оградата околу куќата, но видно забележани биле траги од мечката. Паралелно со известувањето за мечката во гостиварската полиција, Регионалниот ЦУК – Тетово ги известил Општина Гостивар и Инспекторат за животна средина за преземање натамошни мерки во нивна надлежност.
ЦУК воедно апелирал да се одржуваат и чистат локалните канали за одводнување и да не се фрлаат отпадоци во нив со оглед дека според најавите на УХМР, во наредниот неколкудневен период на повеќе места времето ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и поројни проследени со грмежи.
-Во последното деноноќие имаше евидентирано само еден пожар на отворено. Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје извести дека пожарникарите од БППЗ на Град Скопје од 17:20 до 18:05 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило гаснеле запалена трска на површина од 2 000 m2 во атарот на село Кадино, Општина Илинден, наведува ЦУК.
ЦУК потсетува дека сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Од: Мирјана Чакарова Извор: МИА