Во името на 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства оддаваме признание на сите пратеници кои не гласаа за скандалозните и противуставни измени на Законот за игри на среќа после одлуката на Претседателот на Републиката да не го потпише указот за нивното стапување во сила. Покажаа дека имаат слух за нашите аргументи, го заштитија Уставот и спасија илјадници работни места. И покрај агресивната долготрајна негативна кампања против игрите на среќа, предизборните притисоци, мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство.
Истовремено, сакаме да искажеме благодарност на официјалните претставници на ЕУ кои доблесно укажаа дека нема да премолчат злоупотреби кои нанесуваат директна штета на европските демократски вредности, чија имплементација во нашето општество на сите нивоа е клучна за исполнување на стратешките цели за полноправно членство во европското семејство.
После ваков развој на настаните, сакаме да упатиме апел до сите политичари кои активно учествуваат во предизборната кампања. Ставањето на овој економски сектор во дневно политички контекст никому не оди во прилог. Погрешен е впечатокот дека ние однапред сме против законски измени, туку сме против популистички, политички и бизнис мотивирани одлуки кои практично се косат со Уставниот поредок. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ и сметаме дека со нашето практично искуство можеме да дадеме свој придонес во еден широк консултативен процес во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и конечно ќе се дојде до законски решенија кои ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, наместо да создадат хаос и безредие со крајно штетни последици, кои многу тешко ќе се санираат.
Имаме компаративни искуства од соседни земји кои надлежните институции треба да ги земат предвид. Одлуката на албанскиот парламент да ја укине забраната за приредување игри на среќа од 2019, треба да биде поука за сите домашни политички фактори. Особено што оваа одлука во Албанија беше донесена на предлог на Европската комисија, со цел справување со дивите играчници што никнале на нивната територија за време на забраната, враќање на буџетските приходи од игрите на среќа и обезбедување на транспарентност во овој економски сектор.
АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА – АПИС
Од: Сашо Арсовски Извор: МИА