Дебар, 1 август 2024 (МИА) – Македонското друштво „Илинден“-Тирана го актуелизира барањето за форимирање посебни општини Голо Брдо и Гора, бидејќи, како што се оценува, „по десет години од територијалната поделба нема никаков напредок во овие области, населени со Македонци“.
-И по десет години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени. Во 2014 година Владата ги укина
општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за да првите две ги приклучи кон општина Булќиза, а третата кон општина Либражд. Истото се случи и со општините Шиштевец и Запот во областа Гора, кои сега територијално припаѓаат кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Република Албанија остана општина Пустец во областа Мала Преспа, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Потсетува дека Владата во Тирана во 2014 година не ги земала предвид нивните барања за формирање на споменатите општини.
-Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на општините го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија. Како друштво, заедно со огранокот за Голо Брдо, повторно го актуелизираме барањето од пред 2014 година. Во барањето до Владата бараме да предложи измени и дополнување на Законот за општините со формирање на две општини: општина Голо Брдо и општина Гора, вели Ѓурѓај.
Сметаме, посочува, дека ова е легитимно право, со што градоначалниците на овие општини ќе бидат локални жители кои ќе ги избираат самите тие, со што непосредно ќе се ангажираат за решавање на локалните проблеми, со кои се запознати и ги чувствуваат.
Од Вера Тодоровска, Дебар Извор МИА