Пустец, 2 август 2024 (МИА) – Градоначалникот на општина Пустец, Пали Колевски и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски во нивно и во име на општината и партијата, на сите Македонци каде и да се, им го честитаа денешниот голем празник – Илинден.
-Среќен Илинден, Македонијо! Нека овој празник нѐ потсети на нашата борба за слобода и независност, и нека ни донесе единство и просперитет, стои во честитката на градоначалникот Колефски.
Тој заедно со Ефтим Митревски, шеф на неговиот кабинет, положија цвеќе на бистата на Гоце Делчев, која на 4 мај годинава беше поставена на плоштадот во Пустец, кој го носи неговото име.
И делегација на МАЕИ денеска положи свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Пустец, како и на бистата на Јосиф Јосифовски – Свештарот во село Царев Двор во Република Македонија.
-Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ од 1944, со гордост се поклонуваме пред нашите предци кои ги положија своите животи за слободата на Македонија. Денес, одбележуваме 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Овие настани се светилници во историјата на нашиот народ, потсетувајќи нè на храброста и решителноста на нашите предци, кои се бореа за слобода и независност. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден, посака Стерјовски.
Делегација на МАЕИ, традиционално, ќе присуствува на 53. Семакедонска средба во Трново, каде свое обраќање ќе има Стерјовски.
Од Вера Тодоровска, Тирана Извор МИА