Приштина, 6 август 2024 (МИА) – Некоординираните акции на косовската влада ги ставаат во поголем ризик граѓаните на Косово и војниците на КФОР, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер, соопшти синоќа американската амбасада во Приштина.
Според нив, американската влада е „длабоко разочарана“ од едностраните, некоординирани дејствија што вчера ги презеде косовската влада против филијалите на српската пошта на северот на Косово.
Тие ја повикаа Приштина да ги прекине сите натамошни еднострани дејствија и, како што рекоа, да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со поддршка на ЕУ за да се решат прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
Тоа е втора реакција на меѓународната заедница во врска со таа акција, а по претходното соопштение на ЕУ. Во соопштението од Брисел се наведува дека ЕУ е подготвена да го вклучи ова прашање на дневен ред на следниот состанок во рамките на Дијалогот и оти очекува страните да развијат конструктивни идеи кои би можеле да послужат како основа за решение.
Тие ја повикаа косовската влада да ја преиспита својата одлука, наведувајќи и дека затворањето на филијалите на Пошта на Србија е унилатерален и некоординиран потег, како и кршење на договорот за телекомуникациите, бидејќи страните уште во 2015 година се договориле дека за поштенските услуги би се разговарало во „подоцнежна фаза“.
Припадници на косовската полиција вчера попладне влегоа во сите 9 објекти на Српската пошта на северот на Косово врз основа на барање на Регулаторното тело за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП).
Затворени се три пошти во Косовска Митровица, две во општина Звечан, една во Зубин Поток и три во општина Лепосавиќ.
Од Златко Шумковски Извор МИА