Париз, 22 август 2024 (МИА) – Дванаесетгодишно момче е прогласено за виновно затоа што на интернет застанал во одбрана на тероризам, објави Пол-Едуар Лалуис, државниот обвинител од градот Монбелијар на истокот на Франција.
Активностите на интернет на тоа момче, кое објавувало и споделувало повеќе од 1.700 пропагандни видеа или сцени на масакри, го привлекле вниманието на француските власти, пренесува парискиот весник Фигаро.
Од декември 2023 година, момчето објавило повеќе од 1.700 пропагандни видеа или сцени на масакри извршени од џихадисти на интернет и ги споделил преку неколку шифрирани апликации за комуникација, рече обвинителот на прес-конференција.
За време на речиси четиричасовното затворено рочиште пред судијата за малолетници, момчето признало дека се заинтересирало за исламот и потоа пристапило до порталите за отворени дискусии Discord и Telegram.
„Бил во можност да учествува во дискусии за радикалниот исламизам и неколку пати ни објасни дека е регрутиран“, прецизираше обвинителот.
Со оглед на неговата возраст, момчето, кое живее во францускиот град Сошо, не може да биде ставено под судски надзор, но му се изречени привремени законски мерки пред изрекување кривичната санкција, што ќе биде изречена за седум месеци.
Од Златко Шумковски Извор МИА