Скопје,15 септември 2024 (МИА) – Во Даут пашин амам вечер ќе биде отворен Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што ќе трае до 17 септември. На отворањето ќе бидат присутни врвни автори од регионот како Борис Дежуловиќ од Хрватска, лауреатот на аградата „Прозарт“ за 2024 година Владимир Пиштало од Србија, Рене Карабаш од Бугарија, како и домашни автори.
На првата фестивалска вечер, Дежуловиќ ќе биде во друштво со Карабаш и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.
Гости на отворањето, како што посочуваат организаторите, ќе бидат и членови на програмата „Скопје фелоушип“ – една од влијателните имиња во европското издаваштво, Катарина Луа ван Хоф, поранешна шефица на одделот за странска литература во францускиот гигант „Галимар“, еден од најистакнатите издавачки директори во Обединетите Арапски Емирати, Тамер Саид, соосновачот на грчкиот „Вакхикон“, Несторас Пулакос, кој ја издаде на грчки Лидија Димковска, претставничка од француската агенција #BAM, Лали Бернар, Јоана Јежорна-Крамаж од издавачката куќа „Познан“ од Полска, Рикардо Лопез од шпанското издаваштво „Арменија“, Катја Кац од КУД „Содобност Интернационал“ од Словенија и литературниот скаут Валерија Паолини од Италија.
Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, КУД Содобност, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Стоби Винарија, СПОНА, Умно.мк и Метрика Култура.
Од Валентин Јанковски Извор МИА