Тбилиси, 20 септември 2024 (МИА) – Доколку парламентарните избори во Грузија, што треба да се одржат на 26 октомври, не бидат фер и слободни, ЕУ би можела да ја прекине визната либерализација за граѓаните на оваа земја, изјави денеска евроамбасадорот во Тбилиси, Павел Герчински.
-Развојот на различните процеси во Грузија го зголемија растојанието меѓу Грузија и ЕУ. За ова разговараме заедно со земјите партнери. Го следиме процесот и се надеваме дека изборите ќе бидат фер и транспарентни. Меѓутоа, ако ситуацијата се влоши, ЕУ има различни алатки кои секако ќе ги користиме, а суспензијата на визната либерализација е една од нив, предупреди амбасадорот.
Безвизниот режим меѓу Грузија и земјите од ЕУ стапи на сила во 2017 година, а оваа земја доби и статусот на кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, пишуваат руските медиуми.
Тензиите меѓу Тбилиси и Брисел се зголемија минатата година откако владејачката партија Грузиски сон воведе низа закони за кои ЕУ тврди дека се авторитарни и дека ги засили врските со Москва.
Претходно годинава грузискиот Парламент го усвои во трето читање Предлог-законот „За семејни вредности и заштита на малолетниците“, со кој се забрануваат истополови бракови и промена на полот, што беше осудено од ЕУ.
Од Сашко Димевски/МИА