И така во нeдоглед одеше дискусијата околу случајот во Разловци и околу постапката на селаните. Околу 10 часот дискусијата беше прекината од пукотницата од насоката на Голак, каде што беше Третиот баталјон, кој навреме беше зазел позиција, не беше забележан од непријателските сили, кои од насока на Голак забрзано, како на некоја узбуна, се движеа кон Обозна, да ни го пресечат патот. Третиот баталјон ги пушти бугарските фашисти да се приближат до позициите и тогаш отвори оган. Еден дел, една група, успеа да се повлече од позициите и да заземе нови.
Друг дел борци од Третиот баталјон успеаја да го натера непријателот во една дупка и поголем дел од нив да истепаат, а околу десетина да заробат. Борбата траеше неколку часа. Штабот на Третиот баталјон испрати една група, зајакната со неколку пушко- митралези, да ги гони Бугарите во насока на Голак. Тоа беше смислен потег за своевиден маневар: за да ги оддалечи Бугарите што подалеку од своите позиции, а по извесно време да нареди групата постепено да се повлекува во правец на баталјонот.
Негде околу пладне, веројатно по 13 часот главнината на Вториот баталјон, заедно Главниот штаб и народната власт, тргнаа во насока на месноста Лаки за да се префрли на таа страна на Плачковица каде што вeќe беа Косовскиот и Јужноморавскиот баталјон. На Обозна остави неколку заседи што требаше да обезбедат отстапницата на Третиот баталјон при неговото повлекување. Низ благите испресечени падини со дабова шума, која беше мошне проретчена од лисничарењето од соседните села, прилично комотно се движеше кон реката Лаки во колона по еден, сигурни дека не постојат можности да бидат изненадени од непријателот, зашто на спротивната страна вeќe се наоѓаа два баталјона. Непосредно пред самата падина пред влезот во месноста на реката Лаки, Вториот баталјон во шумата ненадејно наиде на заседа, која почна со силен митралески оган и артилерија.
Тоа беше, всушност, комбинирана единица на пешадија со неколку артилериски орудија, која во интервалот, по преминот на двата баталјона успеала да ја заземе оваа позиција. Ниту тие претпоставуваа дека се наоѓаат во клештите на партизаните, ниту пак ние претпоставувавме дека се вовлекла бугарска фашистичка единица во нашите позиции. Наеднаш во борбата се најдоа не само Вториот баталјон, туку и целиот Главни штаб на НОВ на Македонија и народната власт, кои практично се наоѓаа на чело на баталјонот. Баталјонот знаејќи ја положбата во која се најде Главниот штаб и народната власт, веднаш ги исфорсираа единиците предните редови и командуваа јуриш на бугарските позиции. Целата борба имаше малку стихиен карактер, зашто Бугарите не успеаја да нё изненадат, a исто така и тие да бидат изненадени. Не знаејќи за положбата на непријателот, ниту со какви сили располага, командантот на бригадата Тихомир Милошевски нареди Третиот баталјон по најбрз пат да ги напушти своите позиции и да избие на чело на колоната за да влезе во борба со непријателот, да го замени Вториот баталјон, зашто Вториот баталјон не располага со доволно муниција. Третиот баталјон, кој штотуку се беше вратил од позициите заедно со заштитницата на Вториот баталјон, брзаше, речиси со јуриш, низ дабовата шума, поскоро да влезе во борба и да му помогне на Вториот баталјон. Во меѓувреме, Вториот баталјон веkе јуришаше, и не само што ги разби бугарските заседи и ги натера во бегство без да му стигне помош од Третиот баталјон, туку успеа од вкупно 4 артилериски орудија, да заплени 2. Освен тоа, заробени беа повеkе војници, 7 фелтфебели, 1 офицер и големо количество друго оружје и опрема.
Додека двата баталјона преминуваа преку рекичката Лаки и млачните ливади, над реката, од позициите на Косоварите и Јужноморавците, се чу нова пукотница, се слушнаа извици »ура«, и страшна грмотевица. По интензитетот на пукањето можеше да се оцени дека се води тешка борба и тоа гради в гради. Плачковица ечеше од грготницата на оружјето, бомбите, и не само тоа, туку и од извиците јуриш од обете страни.
Милан Зечар со Косовскиот баталјон и Јужноморавците водеше борба со третата колона на фашистите, составена од војска и полиција. Бугарската фашистичка војска не’ чекаше, речиси, на секој километар, ни правеше стапици на секој премин, пат или река, гребен или дол. Кога стигнавме до Косоварите, сонцето веќе беше на залез. Борбата што ја водеа Косоварите и Јужноморавците стивнуваше и речиси немаше потреба од наша интервенција. И таа колона беше разбиена. Непријателот, во текот на денот, претрпе во сите три колони неуспех и тешки загуби. Голем број војници беа заробени. Од наша страна загинаа 7—8 борци, од редовите на Косовскиот и Јужноморавскиот баталјон. Поради загубите што ги имавме, како во текот на денот, така и во изминатите денови, расположенето кај борците беше мошне лошо, тагата за загинатите другари надвладуваше, иако во текот на дента пожнеавме убави победи скоро на сите три правци и успеавме да ги разбиеме сите три колони, а непријателот да го натеравме во бегство.
Според наредбата на Главниот штаб, сите војниците зарботени во текот на борбата, по правило, ги пуштавме. Но им ги сечевме ракавите на блузите до лакти и ногавиците од панталоните до подколена. Не сакавме да ги соблекуваме, но не сакавме и алиштата да им бидат употребливи, до колку повторно ќе ги вооружаат, а исто така сакавме ефектот од нивното појавување во касарните кај другите да биде деморализаторски, да се знае дека биле заробени. По пуштањето на војниците, ги задржав сите фелтфебели со мотивација дека ни се потребни за некои податоци, а всушност се договоривме со Штабот на Третиот баталјон да ги стреламе, зашто тие секогащ, во сите борби се покажуваа како нејзагрижени чувари на фашистичката армија и фашизмот. Се разбира, тоа беше наша оценка, субјективна можеби, повеќе отколку во други единици. Со курирот Перо од селото Старец, кој беше во Штабот на бригадата, ги поведовме фелтфебелите и се засолнавме зад еден чукар, каде што сакавме да ги стреламе. Сигурни дека сме успеале да се засолнеме од видикот на борците и штабовите, верувавме дека целата акција ќе ја изведеме конспиративно. Всушност, сме отишле токму спроти Главниот штаб и другарите гледеле што сакаме да правиме. Додека им ги вадевме чиновите на фелтфебелите од Штабот на Бригадата дојде курир и ми соопшти веднаш да се јавам лично во Главниот штаб на Македонија.
Таму ги затекнав другарите Михајло Апостолски, командант на Главниот штаб и Страхил Гигов, заменик комесарот на Главниот штаб. По вообичаениот поздрав, тие предложија веднаш да минеме на предметот на разговорот, зашто нема толку време Разговорот го почна другарот Страхил Гигов.
– Сакаме да те прашаме каква е постапката со заробените бугарски војници од страна на партизаните, а одделно од Штабот на бригадата
– Како со заробеници, — одговорив кусо
– Не тоа. Знаеме дека како со заробеници, но ти знаеш дека има наредба од страна на Главниот штаб сите заробени бугарски војници да се пуштат по гообичаената постапка, освен ако за некого Главниот штаб или штабот на бригадата смета дека претставува посебен интерес продолжи Страхил
– Дали си запознат со таа наредба? праша Апостолски
– Да, запознаен сум. Таква наредба има до сите баталјони од страна на штабот на Бригадата и, ми се чини, сите ја почитуваат. Објаснував не знаејќи се’ уште во што е проблемот.
– Нам ни се чини спротивно дека не се почитува таа наредба. Поради тоа и те повикавме малку да поразговараме за причината на неизвршувањето на наредбата на Главниот штаб. Преѓе, пред половина час, кого стрелавте, на пример! Дали би можел да ни го објасниш случајот – сериозно го постави прашањето Страхил.
– Да, точно е пред половина час сакавме да стреламе седуммина фелтфебели, но вие ме извикавте, па не ги стрелавме. Но тоа не се војници, ами фелтфебели, а во наредбата пишува само војници, се обидував да внесам малку шега во целиот разговор. Но добив впечаток дека не ми успеа. Еве, проверете дали имаме стрелано некој бугарски заробен војник, продолжив.
– Во наредбата пишува ниеден официр, ниту војник не може да биде стрелан, освен ако не е фатен во некои палења на села, или ако има аргументи дека учествувал во срелањето на партизаните, или сроаботниците на партизаните – пак внесе сериозност во тонот другарот Апостолски.
– Точно е. Токму така пишува во наредбата, затоа и сакавме да ги стреламе само фелтфебелите, зашто во наредбата тие не се споменати, а тие не се ниту офицери, ниту војници – се обидов да го свртам разговоррт пак на шега, внесувајќи благ тон и насмевка.
– Мислам дека Михајло има право (моето партизанско име) и не знам дали сега можеме, врз база на тоа, да преземеме мерки за одговорност – се обрна Страхил кон другарот Апостолски.
Во гласот имаше извесна подбивност.
– Добро, не ни останува ништо друго освен да ја дополниме наредбата – се согласи другарот Апостолски.
Ме ослободија оставајќи во целиот разговор извесна доза на недоумица, дека сум успеал да ги убедам оти сум во право. Барем така сакаа да се добие впечаток. Мене ми беше, исто така, јасно дека не сум ги убедил, ниту пак мене ме викаа на одговорност, и тоа ми беше јасно. Тие беа сигурни дека е тоа став на целиот штаб на бригадата, што не беше далеку од вистината. Меѓутоа тие сакаа индиректно да извршат влијание врз мене, јас да го сфатам проблемот и да го изнесам пред штабот на бригадата, како заменик на комесар, и секретар на партиското биро на бригадата. Сметаа дека така полесно ќе биде постигната целта. Да го земат целиот штаб на бригадата на одговорност, би било невкусно, особено во овие услови на офанзиавата, кога и кај борците и кај раководствата постои толкава омраза спрема непријателот, секоја мерка би била непопуларна против ставот на бригадата. И од тие причини сметаа дека ефектот ќе биде ист, а со помалку проблеми, особено кога е потребно штабот на бригадата ицело да биде ангажиран, пред се’, со проблемите на зачувување на моралот кај борците и насоката на штабот за разбивање на непријателската офанзива.
Извадок од „Од Козјак до Загреб”, Златко Биљановски, Народна Армија, Белград, 1971 година